недела, јуни 14, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Роденден, па реконструкција – почнува владиниот „ресет“

Роденден, па реконструкција – почнува владиниот „ресет“

20

ОД ЧЕТВРТОК ЌЕ СЕ КРОИ НОВАТА ВЛАДА

ВМРО-ДПМНЕ на 17 јуни, на стадионот во Струмица, ќе го одбележи роденденот на партијата, а потоа ќе започнат разговорите за реконструкцијата на Владата, посочи вчера премиерот Христијан Мицкоски. За најавите за парламентарни избори, рече дека ВМРО-ДПМНЕ сака редовни избори, но ако биде предизвикана, ќе оди на избори пред рокот и ќе победи.

– Следната недела по роденденот, кој ќе биде на 17 јуни со почеток во 20:00 часот, на стадионот во Струмица, почнуваме разговори со владините коалициски партнери околу реконструкцијата на Владата – изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање.

Коментирајќи ги тврдењата на опозицискиот СДСМ дека Владата оди на избори бидејќи ги потрошила државните пари и дека нема да бидат алиби за предвремени избори, премиерот Мицкоски рече дека едното со другото нема логика. Мицкоски истакна дека нивниот став е да нема предвремени избори, дека добиле мандат од граѓаните четири години и сакаат да одат на редовни парламентарни избори, кои ќе се одржат пролетта 2028 година, но доколку се предизвикани, мора да се подготвени, како и секоја сериозна политичка опција.

– Нема да се мешам во нивната стратегија. Само знам дека, зборувам политички, кога влегувате во втората половина од мандатот, логично е да сте подготвени за избори без разлика дали се тоа редовни или вонредни, на барање од опозицијата. Еве, нашата опозиција не бара, нашата опозиција е скриена, има три-четворица што држат прес-конференции полни со невистини и навреди, најчесто кон мене. И сега, кога имаат можност да се покажат на терен, да видат, еве, колку ефект имаат тие нивни невистини и навреди кон мене, тие едноставно бегаат. Тоа нема да биде првпат што го прави СДСМ. Тоа веќе, во историјата, многу пати го направил СДСМ – рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека тие немаат намера да предизвикаат предвремени избори и дека нивната цел се редовни избори, но ако бидат, како што кажа, предизвикани, тогаш ќе одат на избори и ќе победат.

За најавеното повлекување на Али Ахмети од лидерското место во ДУИ, Мицкоски рече дека не би сакал да коментира бидејќи тоа се внатрешни работи на партиите, исто како што не би сакал некој да ги коментира внатрешните работи во ВМРО-ДПМНЕ.

 

ИЗДВОЕНИ