понеделник, август 3, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Пропадна ЕУ-грант од 60 милиони евра, Владата бара нов пат за Коридорот...

Пропадна ЕУ-грант од 60 милиони евра, Владата бара нов пат за Коридорот 8

1

Македонија остана без европски грант вреден околу 60 милиони евра, бидејќи навреме не беше склучен договор со изведувач за работите на третата делница од железничкиот Коридор 8. Станува збор за средства од ИПА-програмата на Европската Унија, кои требаше да помогнат во изградбата на последниот дел од пругата до бугарската граница.

Додека парите од ИПА-програмата се изгубени, Владата бара нов начин да продолжи проектот со заемите од европските банки. Од Владата велат дека нема ново задолжување, туку само ќе се смени начинот на кој ќе се спроведува проектот. До Собранието се доставени измени на законите за заемите од Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка, вредни по 175 милиони евра.

Според предложените измени, главната улога во проектот ќе ја преземе ЈП „Железници на Република Македонија“. Компанијата ќе ги води тендерите, ќе ги избира фирмите што ќе работат на пругата и ќе ги потпишува договорите. Новиот тендер ќе се однесува само на изградбата на делницата од Крива Паланка до западниот портал на прекуграничниот тунел со Бугарија.

Од Министерството за финансии уште во 2023 година информираа дека за завршување на оваа делница се обезбедени околу 560 милиони евра од повеќе извори: Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, европски грантови преку ВБИФ и ИПА-програмата.

Во меѓувреме, Македонија и Бугарија повторно седнаа на маса за да го придвижат долгоочекуваниот тунел што треба да ги поврзе двете земји. Во Софија, минатата недела се одржа првиот состанок на заедничката работна група за изградба на прекуграничниот железнички тунел, кој треба да биде клучната врска меѓу двете држави.

– Овој проект треба, конечно, да ја поврзе Македонија со Бугарија по железница. Со изградбата на тунелот, ќе се овозможи побрз транспорт на патници и на стока, што ќе отвори нови можности за трговија и за економска соработка – изјави заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи- Шаќири.

 

ИЗДВОЕНИ