„Кукла жива“ е насловот на новиот албум на Тамара Тодевска промовиран во Скопје.
Албумот има десет нови песни, кои заедно ги напишаа Тамара Тодевска и Коста Петров, а аранжманите и продукцијата се на Џијан Емин. Целиот албум е снимен со инструменти во живо, во соработка со голем оркестар и со хорот „Про арс“, во студиото „Подрумот“ на Ангел Ќосев.
На промоцијата дојдоа многу пријатели на Тодевска, како и нејзиното семејство.
– Овој албум ги дава одговорите на сите прашања што сте ми ги поставиле низ годините, а, можеби, и на оние што никогаш не сте се осмелиле да ги поставите. Цел живот имав чувство дека морам да се приспособувам, да бидам поинаква од едно, а повеќе од друго, да менувам нешто кај себе за да се вклопам во она што го очекуваат другите од мене. И долго време ми се чинеше дека грешам и дека правам нешто погрешно. Но, создавањето на овој албум ме научи нешто многу важно: чувството во мене никогаш не било погрешно – рече Тодевска на промоцијата.
„Кукла жива“, „Драма квин“, „Хорор“, „До крајот на светот“, „Гориш“, „Карма“, „Не поминува“, „Брана“, „Дива“ и „Силна“ се песните од новиот албум на Тодевска во кои може да ужива публиката.
Инаку, Тамара најави дека ќе одржи солистички концерт во „Т-арената“ во Скопје, на 7 декември. На концертот, со кој таа одбележува 25 години музичка кариера, ќе ја придружува оркестар предводен од Џијан Емин.
Фото: ФБ на Тодевска












