
Повторно се очекуваат подолги редици на европските граници откако престанаа да важат привремените мерки за флексибилност при примената на системот за влез и излез на Европската Унија (ЕЕС).
ЕЕС почна постепено да се применува во октомври 2025 година, а во текот на преодниот период, земјите членки имаа можност, во исклучителни ситуации, привремено да го прекинат собирањето биометриски податоци од патниците – отпечатоци од прсти и скенирање на лицето – доколку се создаде преголем метеж на граничните премини и на аеродромите.
Претставниците на туристичката и на воздухопловната индустрија бараат да продолжи ваквата флексибилност и по септември, предупредувајќи дека без дополнителни мерки, повторно би можеле да се појават долги редици на европските граници.
Европската комисија оценува дека ЕЕС во текот на летото генерално функционирал добро, но признава дека на одредени гранични премини е потребно дополнително приспособување.
Од туристичкиот и од воздухопловниот сектор, пак, предупредуваат дека патниците треба да бидат подготвени за подолго чекање. Според Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА), проверките, кои претходно траеле од 20 до 25 секунди, со воведувањето на новиот систем, може да траат и до 90 секунди од патник.
Во јули, просечното време на чекање во Франкфурт достигнало 120 минути, во Минхен до 60 минути, додека во Амстердам најдолгото чекање достигнало два часа.
Поради ваквите проблеми, ИАТА бара да продолжи привременото олеснување барем до крајот на зимската сезона, додека не се обезбедат на граничните премини доволен број киосци, автоматизирани системи за контрола и дополнителен персонал.
ЕЕС е дигитален систем со кој се регистрираат влезовите и излезите на државјаните на земјите надвор од ЕУ, при краткорочен престој во Шенген-зоната, заменувајќи го досегашното рачно ставање печат на пасошите.











