Наместо лозарите овие денови да ги полнат откупните пунктови со грозје, нивите и лозјата остануваат полни со род, кој нема кој да го откупи. Грозјето презрева и почнува да скапува, додека производителите со неверување гледаат како пропаѓа трудот во кој вложувале цела година. Според лозарите, дури 90 отсто од грозјето сè уште не е обрано по лозовите насади. Винарниците не го преземаат родот, а откупот се одвива во многу помал обем од очекуваното. За лозарите, секој ден значи дополнителен ризик, грозјето ја губи вредноста, а со тоа и можноста тие да ги покријат трошоците направени за производство.
На терен, револтот расте. Производителите велат дека со месеци го негувале родот, вложувале во препарати, обработка и во работна сила, а сега се соочуваат со прашањето што да прават со грозјето, кое нема каде да го пласираат. Дел од нив размислуваат и за преработка на грозјето во ракија, само за да не дозволат целосно да пропадне.
Особено проблематична е состојбата со вранецот. Лозарите велат дека нема доволен интерес за оваа сорта од страна на винарниците, па остануваат големи количества грозје на лозовите насади.
– Бараме итна реакција од институциите и конкретни мерки со кои ќе се овозможи откуп и ќе се спречи да пропадне родот. Вранецот и оваа година не се откупува и стои да скапува на нивите. Наместо мерки од интерес на лозарите, интервентен откуп на грозјето и дополнителна субвенција, власта е фокусирана на забава – обвинуваат лозарите.
Незадоволството кај лозарите е големо. Според нив, проблемот со цената и со пласманот на грозјето трае со години, а државата не успева да понуди трајно решение.
– Педесет години е иста цената и досега никој не успеал да ја промени состојбата. Поради тоа, лозарите ги продаваат лозовите насади и си заминуваат од државата. Бараме интервентен откуп, дополнителна субвенција и конкретен план за спас на годинашниот род. Не може повеќе да чекаме бидејќи грозјето скапува – велат лозарите.
Додека лозарите бараат итни мерки, од Владата уверуваат дека се преземаат чекори за олеснување на откупот.
Владата на следната седница ќе ја измени одлуката за условите за користење на средствата од компензациските фондови, со цел да им се олесни пристапот на винарниците до средства за откуп на винското грозје и да се обезбеди навремена исплата на лозарите, најави министерот за земјоделство, Борче Серафимовски.
Станува збор за кредитна линија преку Развојната банка, од 793,48 милиони денари, од кои 553,48 милиони, односно околу девет милиони евра, се наменети за откуп на вранецот.
Со измените, грејс-периодот за овие средства ќе се зголеми од три на 18 месеци, по што ќе следуваат дополнителни 18 месеци за отплата, со фиксна камата од еден процент. Како обезбедување ќе може да се користи и произведеното вино.
Министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, најави олеснување на условите за добивање субвенции. Во услови на отежнат пласман и неповолни временски услови, ќе се предложи укинување на условот земјоделците да имаат продадено или предадено најмалку 30 проценти од производството за да го остварат правото на финансиска поддршка.
Од Министерството велат дека со мерките треба да се подобри ликвидноста на винарниците и да се создадат услови за зголемен откуп на вранецот.
Но, за лозарите останува отворено прашањето дали ќе бидат доволни мерките и дали ќе стигнат навреме, пред голем дел од родот да остане небран.
Додека институциите и винарниците треба да дадат одговор што ќе се случува со неоткупеното грозје, лозарите се соочуваат со трка со времето. Родот е на нивите, грозјето зрее и скапува, а прашањето останува: кој ќе го откупи и дали ќе преземе државата конкретни мерки пред да биде предоцна?
– Ако реалната откупна цена е 35 денари за килограм, тие ни нудат 25 денари и ни велат, ако сакаш, дај го, ако не – чувај си го. Тоа е така затоа што нема конкуренција и ние сме принудени да ги прифатиме цените што ни ги нудат. А тие цени се многу ниски и не ги покриваат ниту производствените. Големите винарници ќе откупат онолку колку што им е потребно, а за другото секој ќе мора да се снаоѓа како знае и умее. Она што нема да се продаде, најверојатно, ќе заврши за производство на ракија. Годинава и Србија има вишок грозје, па количините што вообичаено се извезуваа на тој пазар може да останат на домашниот пазар, што дополнително ќе го отежни откупот – изјави за весникот ВЕЧЕР Раде Зоков, лозаропроизводител и сопственик на винарница од Кавадарци.
Но, проблемот не е само во годинашниот род. Лозарите стравуваат дека ваквата состојба може сериозно да ја доведе во прашање иднината на производството. Доколку нема сигурен пазар и навремен откуп, велат дека сè потешко ќе може да продолжат да ги одржуваат лозјата. Некои дури размислуваат и за откажување од лозарството, бидејќи не гледаат економска оправданост во производство за кое на крајот нема сигурен купувач.
(А. С.)












