Состојбата со пожарот во кавадаречко и вечерва останува критична, а поради големата зафатена површина и условите на теренот засега е невозможно огнената стихија да биде ставена под контрола.
Пожарот зафатил голема површина, претежно со нискостеблеста шума и вегетација. Силниот пламен кој повремено се појавува е последица на согорувањето на многубројните ниски смреки, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Ангелов, кој цел ден е на терен со противпожарните екипи, посочи дека кавадаречките пожарникари ќе продолжат со гаснењето и во текот на ноќта. На терен е и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
„Пожарот во кавадаречко се уште е активен, невозможно е да се воспостави контрола вечерва. Зафатена е претежно нискостеблеста вегетација. Силниот пламен кој се појавува од време на време е последица на согорувањето на многубројните ниски смреки. Гаснењето од страна на кавадаречките пожарникари ќе продолжи во текот на ноќта. Градоначалникот Јанчев, исто така, е на терен со пожарникарите и помага во гаснењето“, информираше Ангелов.
Во меѓувреме, од Центарот за управување со кризи информираат дека градоначалникот Јанчев пријавил и два нови пожари.
Едниот е кај Камен Дол, во близина на каменоломот „Градба промет“, каде што гори нискостеблеста шума и трева. Вториот пожар е регистриран меѓу селата Цирково и Манастирец, каде што постои можност огнот да се прошири и да прерасне во поголем пожар.
Противпожарните екипи остануваат на терен, а состојбата внимателно се следи.












