Приходите од продажба на метални остатоци што остануваат по кремацијата, вклучувајќи забно злато, накит и медицински протези, подлежат на даночење, одлучи германскиот Сојузен финансиски суд.
Случајот се однесуваше на еден градски крематориум кој металните остатоци по кремациите ѝ ги продавал на компанија за преработка на метали. Парите од продажбата биле уплаќани на посебна сметка и требало да бидат искористени за хуманитарни и социјални проекти, пренесува „Билд“.
Даночната управа, сепак, приходите од продажбата ги третираше како редовни деловни приходи и побара тие да бидат оданочени. Градот поднесе жалба, но судот пресуди во корист на даночните власти.
Сојузниот финансиски суд образложи дека за деловен приход се смета секој паричен или парично вреден прилив што е поврзан со вршењето на дејноста.
Бидејќи металните остатоци настануваат за време на работата на крематориумот, приходот остварен со нивната продажба претставува деловен приход и мора да биде оданочен.
Судот посебно нагласи дека не е важно за што парите подоцна ќе бидат употребени. Фактот што градот ги наменил приходите за хуманитарни или социјални проекти не го ослободува од даночната обврска, се наведува во образложението на судската одлука.












