Во рамките на четирите фестивалски вечери, публиката имаше можност да ужива во настапите на изведувачи и кореографи од Кина, САД, Бразил, Јужна Кореја, Германија, Шпанија, Италија и Македонија. –Годинашното издание на фестивалот „Креденс денс“ со својата програма беше дел од активностите за чествување на 60-годишниот јубилеј на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тоа подразбираше сериозно дизајнирана програма со голем број странски гости и разновиден танцов профил. Фестивалот не само што протече извонредно туку отвори и многу можности за соработка и размена, посочи за весникот ВЕЧЕР проф. д-р Соња Здравкова-Џепароска, продекан за настава и наука на ФМУ

Широк спектар на танцови форми – од класичен и современ танц, преку џез израз, па сè до експериментален движечки јазик со преку сто учесници од четири континенти, донесе четвртото издание на фестивалот „Credence Dance – Вечери на класичен и современ танц“, што се одржа изминатава седмица на сцената на Националната опера и балет во Скопје, во организација на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во рамките на четирите фестивалски вечери публиката имаше можност да ужива во настапите на изведувачи и кореографи од Кина, САД, Бразил, Јужна Кореја, Германија, Шпанија, Италија и Македонија. Основната цел на „Креденс денс“ (Credence Dance) е промоција на новата генерација танчари и кореографи, кои се на почетокот на својата кариера. Со тоа, фестивалот станува своевидна ревија на таленти и простор за создавање и споделување креативни концепти.

– Годинашното издание на фестивалот со својата програма беше дел од активностите за чествување на 60-годишниот јубилеј на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тоа подразбираше сериозно дизајнирана програма со голем број странски гости и разновиден танцов профил. Фестивалот не само што протече извонредно туку отвори и многу можности за соработки и размени, што е и основна интенција на фестивалот – создавање можности за нашите студенти и унапредување на нивните професионални перформанси. Веќе втора година тренд е создавањето копродукции на ниво на кореографии, гостите работат со нашите студенти на кореографии кои се дел од програмата, а истовремено одржуваат и семинари, вели за весникот ВЕЧЕР проф. д-р Соња Здравкова-Џепароска, продекан за настава и наука на ФМУ. Таа додава дека странските колеги постојано го забележуваат високото ниво на македонските студенти, со кои, како што истакнуваат, е вистинско задоволство да се работи.

–Првата вечер ги обедини танчарите од Пекиншката танцова академија со нашите студенти и алумни преку класичниот балет. Втората донесе спектар на современ израз, со премиерна изведба на кореографијата на Бојан Мицев на композиција на Дарија Андовска со трупата на театарот „Оснабрук“, како и делата на американската кореографка Тифани Реа Фишер и нашата студентка Срна Клотз. Се навративме на трајните кореографски вредности преку кореографија на Олга Милосављева. Третата вечер донесе премиерна продукција на мјузиклот „Авантурата Њујорк“. Показател за квалитетот на претставата, која беше целосно реализирана од ФМУ, беше огромниот интерес на публиката, поради што претставата беше дополнета со уште една изведба во истата фестивалска вечер. Четвртата, последна вечер, посветена на минијатурите, презентираше креации на кореографи од Македонија, Полска и Германија. Во рамките на фестивалот беше доделена и наградата за трајни вредности на првенецот Марин Црвенов за неговата долгогодишна и уникатна работа во полето на балетската уметност, како и низа благодарници за соработката меѓу ФМУ и странски институции, компании и универзитети, додава Здравкова-Џепароска.

Пенг Џи од Танцовата академија од Пекинг, пак истакна дека се чувствуваат почестени што беа топло поканети од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и од организацискиот комитет на фестивалот во Скопје, македонската културно богатата престолнина за Креденс денс.

– Балетскиот оддел на Пекиншката танцова академија настапи на „Вечер на класичен балет“, заедно со професионалните танчари од Балетот на Скопје и младите балетски ученици — искуство што им донесе голема радост на сите членови од нашата трупа. Искрената топлина и гостопримството на локалната заедница длабоко ги допреа сите членови на нашиот факултет и студенти. Оваа уметничка прослава сигурно ќе стане длабок и траен настан на меѓукултурна размена со значење што ќе трае. Особено е значајно што ова е вторпат кинескиот балет да настапи во овој древен град, кој носи повеќе од илјада години византиска цивилизација. Преку медиумот на балетот, се надеваме ѝ понудивме на македонската публиката фасцинантно сценско доживување што спојува источна привлечност со западна класична елеганција. Цврсто веруваме дека оваа уметничка соработка, која премостува илјадници километри, нема само да остави трогателни и трајни моменти на сцената, туку и постојано ќе ги продлабочува културните разменувања меѓу Кина и Северна Македонија, градејќи цврст мост за долгорочно меѓуцивилизациско учење и пишувајќи ново поглавје во билатералните односи, истакна Пенг Џи.

Тифани Реа-Фишер, основач на компанијата „Емерџ 125  Њујорк“, додаде дека да се биде дел од овој фестивал кој ја слави современата модерна танцова уметност од целиот свет е навистина дар.

– Им благодарам на Соња Здравкова-Џепароска и на нејзиниот тим што ми овозможија првпат да ја споделам мојата уметност со студентите и со љубителите на уметноста во Македонија. Со радост очекувам долга и плодна соработка меѓу Њујорк и Скопје и ми претставува привилегија што моите дела ја делат сцената со други уметници од целиот свет, кажа Реа-Фишер.

За Лазло Њијакош, директор на Танцовата компанија „Оснабрук“, Германија,  учеството на фестивалот „Креденс денс“ во Скопје остави многу позитивен впечаток.

– Голема чест беше да се добие Сертификат за благодарност за Танцовата компанија „Оснабрук“, како признание за нашиот придонес и присуство на фестивалот. Со задоволство ја истакнавме работата на Бојан Мицев, алумни на УКИМ-ФМУ, чиј талент и кореографски глас заслужуваат силна поддршка и признание. Неговата сила лежи не само во претставувањето на разновидни танцови стилови туку и во обединувањето на учесници од различни земји и културни средини. Со оваа насока, фестивалот е на вистинскиот пат да стане значајна точка за уметничка размена меѓу универзитети, танцови компании и уметници од целиот свет, додаде Њијакош.

Борче Начев, актер и режисер на мјузиклот „Авантурата Њујорк“ истакна дека да се работи со млади и талентирани луѓе – ученици и студенти е огромна чест и привилегија, но исто така и огромна одговорност.

– Нивните посветеност, ентузијазам и доверба се искрени, чисти и чесни. Оттаму и обврската – патот што води низ процесот на создавање да се изоди чесно и достоинствено. Ѝ благодарам на професорката Соња Здравковска-Џепаровска за поканата да бидам дел од авторскиот тим на мјузиклот „Авантурата Њујорк“. Благодарен сум што поминав време со сите тие млади луѓе и што во тоа поминато заедничко време успеав барем накратко да ѕирнам во нивните размислувања, нивниот поглед на свет, а со тоа и да научам нешто од нив, истакна Начев. (Д. Т.)  Фото:Сашо Алушевски

ИЗДВОЕНИ