Според објавените податоци на Државниот завод за статистика за првиот квартал од 2026 година, градежниот сектор и натаму има значајна улога во вкупните економски движења, додека реализацијата на патната и железничката инфраструктура останува меѓу приоритетите на Владата во насока на забрзување на развојот и подобрување на условите за стопанството

Градежниот сектор продолжува да биде еден од главните носители на економскиот пораст во државата, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика за првиот квартал од 2026 година. Според соопштението на Министерството за транспорт, на кое се повикува вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, градежништвото во првото тромесечје од годинава бележи пораст од 7,2 проценти во однос на истиот период лани.

– Овие бројки претставуваат силен показател за континуираната градежна активност низ целата држава, како и за успешната реализација на капиталните инвестиции кои се од клучно значење за економскиот развој – наведуваат од Министерството за транспорт.

Особено значаен, според ресорното министерство, е порастот во сегментот на нискоградбата, каде што е регистрирано зголемување од над 20 индексни поени. Во оваа категорија спаѓаат инвестициите во изградба на автопати, експресни, регионални и локални патишта, како и железничката инфраструктура.

Од Министерството оценуваат дека двоцифрениот пораст е директен резултат на засилените активности на терен и интензивната реализација на капиталните инфраструктурни проекти.

– Автопатските делници на коридорите 8 и 10-д се реализираат со силна динамика, а паралелно се инвестира и во модернизација и развој на железничката инфраструктура. Овие проекти се од суштинско значење за долгорочниот економски развој, подобрување на регионалната поврзаност и зголемување на конкурентноста на македонската економија – се наведува во соопштението.

Дополнително, државната статистика објави дека бруто-домашниот производ во првото тримесечје од 2026 година пораснал за 3,1 процент. Од Министерството за транспорт оценуваат дека ваквите економски показатели ја потврдуваат ефикасноста на инвестиционите политики и позитивното влијание на капиталните вложувања врз економската активност.

– Резултатите што ги објави Државниот завод за статистика се потврда дека државата се движи во вистинска насока. Градежништвото останува мотор на економскиот развој, а инфраструктурните проекти силно го поддржуваат економскиот пораст, отвораат нови можности и придонесуваат за создавање подобра иднина за граѓаните – наведуваат од Министерството за транспорт.

 

ИЗДВОЕНИ