Одлуката на Уставниот суд за укинување на ДУП-от во Карпош е само продолжение на практиката на носење урбанистички планови со сериозни процедурни и суштински недостатоци и повторно го отвора прашањето за квалитетот, законитоста и за транспарентноста на урбанистичкото планирање во државата. Ова не е првпат Уставниот суд да интервенира во областа на урбанизмот. Во изминатите години, Судот постапуваше по повеќе иницијативи поврзани со детални урбанистички планови во Скопје и во други општини.
По одлуката на Судот, од „Независни за Карпош“ прашуваат дали конечно некој ќе ја сноси одговорноста за носење урбанистички планови кои, според нив, ги нарушуваат основните уставни права и начела. – Дали одговорноста секогаш ќе останува на оние што предупредуваат на неправилности, нетранспарентност и проблематични процедури, додека институциите и носителите на одлуките остануваат без последици? – велат тие
Одлуката на Уставниот суд да го укине Деталниот урбанистички план за градска четврт Ј02 – опфат помеѓу Жданец и Нерези во Општина Карпош, повторно го отвора прашањето за квалитетот, законитоста и за транспарентноста на урбанистичкото планирање во државата. Но, случајот не е изолиран. Во изминатите години, Уставниот суд повеќепати постапуваше по иницијативи поврзани со ДУП-ови, а во дел од случаите утврди и сериозни пропусти, па ги укина донесените планови.
ДУП-от за Ј02 беше изгласан во март 2025 година од тогашниот состав на Советот на Општина Карпош, иако претходно беше критикуван од граѓани и од дел од советниците. Според нивните тврдења, постапката била проследена со бројни забелешки и предупредувања за можни повреди на правата на жителите и за недостаток на соодветна стручна анализа. Дополнително, две години претходно Советот донесе одлука планот да биде вратен на доработка и корекција, за подоцна повторно да биде ставен на гласање.
Од фејсбук-групата „Независни за Карпош“, кои подолг период укажуваа на спорните аспекти на планот, сметаат дека одлуката на Уставниот суд ги потврдува предупредувањата што ги упатувале уште во текот на постапката за негово донесување. Тие потсетуваат дека советниците повеќепати добивале дописи и реакции од жители кои укажувале на можни повреди на нивните права, но, како што наведуваат „тие забелешки биле игнорирани од мнозинството кое го изгласало планот“.
По одлуката на Судот, од „Независни за Карпош“ го поставуваат прашањето дали конечно некој ќе сноси одговорност за носење урбанистички планови кои, според нив, ги нарушуваат основните уставни права и начела. Тие прашуваат дали одговорноста секогаш ќе останува на оние што предупредуваат на неправилности, нетранспарентност и проблематични процедури, додека институциите и носителите на одлуките остануваат без последици.
Оттаму бараат Општина Карпош да започне подготовка на нови урбанистички планови засновани на потребите на жителите, а не на интересите на инвеститорите. Дополнително, инсистираат на стручна и непристрасна анализа на плановите што се во подготовка, максимална транспарентност во постапките и суштинско разгледување на секоја забелешка поднесена од граѓаните.
Ова не е првпат Уставниот суд да интервенира во областа на урбанизмот. Во изминатите години, Судот постапуваше по повеќе иницијативи поврзани со детални урбанистички планови во Скопје и во други општини. Меѓу позначајните случаи е укинувањето на ДУП-от за градска четврт Ј07 во Општина Центар, кој ги опфаќа Капиштец, Старо Водно, Долно Водно и просторот кај поранешна „Цвеќара“, каде Судот претходно поведе постапка и донесе времена мерка пред конечно да го укине планот. Предмет на уставно-судска оценка беше и ДУП-от за локалитетот Треска, односно „Буњаковец 2“, кој предизвика силни реакции во јавноста, иако во тој случај Судот не најде основ за негово укинување. Во 2024 година, Уставниот суд ја укина и одлуката за суспензија на еден ДУП во Куманово, оценувајќи дека општината не ја спровела постапката согласно со законските услови. Претходно, Судот се произнесуваше и по урбанистички планови во Центар, Аеродром и други општини, потврдувајќи дека урбанистичкото планирање сè почесто завршува пред највисоката судска инстанца во државата.
Заедничко за најголем дел од овие предмети е тоа што граѓаните и граѓанските иницијативи укажуваат на нетранспарентност, недоволно разгледување на забелешките при носењето на урбанистичките планови, а искажува и сомнежи дека се фаворизираат инвеститорите наспроти јавниот интерес.
Инаку, урбанистичките планови формално се носат низ законски пропишана процедура, но се поставува прашањето колку таа процедура суштински обезбедува учество на јавноста и колку се заштитени правата на жителите. Во повеќето случаи, граѓаните тврдат дека нивните забелешки само формално се нотираат, но не се вградуваат во плановите.
Од друга страна, пак, последиците од укинувањето на плановите од Судот не се само правни и ги засега не само институциите туку и инвеститорите и граѓаните кои сакаат да градат.
(С. Бл.)












