Пандорче АНТЕСКА
Си беше еднаш едно село, се викаше Коњско, село во кое приказната несебично јa раскажуваат малкумина потомци, приказната за преспанскиот бисер што светка од длабочините на езерската вода, а на површината ја оставил својата школка да зборува за спомените на едно бреме. Тишината е препознатливост за ова место од десетици куќи, секоја со свој голем двор, нивче посадено со младо кромитче, стопан со чамец подготвен да ги вози залутаните патници до „Змискиот Остров“. Во пролет, утрата и ноќите се студени, а денот е пријатен за седење под широките крошни од националниот парк „Галичица“.
Денот почнува и завршува со најблиските соседи, до чија куќа се пристигнува по тесни патчиња со изгазена висока трева. Чашка ракија за „добро утро“, ладно пиво за „добар ден“, а навечер, ех, овде сонот лесно доаѓа од високата влажност на воздухот и од кислородот што те уморува. На пристигнување, локалците веднаш со насмевка те прашуваат „овдешен си“ или „гостин“, и каков и да ти е одговорот, овие луѓе се срдечни и топли, исто како медитеранската клима која замешала прсти во нашите јужни краишта.Езерото е тука да те освести од топлината, да те олади од пролетниот занес, да те намами да влезеш и да згазнеш на заоблените камчиња, да те потсети дека тоа е тука прво дојдено, оти ако не бев јас не ќе ја гледаше оваа живописна природа.

Додека се спушташ по патот, од селото Стење кон Коњско, кој патем е земјен и до половина со асфалт, низ високата шума заблеснува темнозелена вода, одгоре мирна, а долу се радува со брановите што уште еден пар очи ќе одмораат од глетката. Селото се наоѓа на езерскиот полуостров, десно од него е албанската, а на југ грчката граница. Повиено е од шумата на планината Галичица, а лево, во далечината, се издигнува сивиот Пелистер. Езерското ниво е за метар и половина покачено, „тоа е заради она феноменот Ел Нињо што доаѓа од Грција“ е објаснувањето од мештаните, за разлика од Стење, каде што водата, пак, е далеку од линијата од минатото, а езерото е подиво.
На крајот од селската плажа, покриена со белуслави школки, се наоѓа обележје „Рот“, тука водата е проѕирна и чиста. На ова место како земјата да се вљубила во езерото и како не сакаат да се одвојат еден од друг, но длабочината која брзо доаѓа ги потсетила дека се различни елементи. Плажата е дива, ако ја ставиш дланката на челото покривајќи го сонцето, во блиската далечина гледаш пар вперени погледи, заборавени кон мирната вода.


За време на летото, кога децата не одат на училиште, радоста ја наоѓаат тука, седејќи во семејните куќи, поднаправени од нивните дедовци и баби. Чувствуваш задоволство од средбата со мештаните, изброени дури 13 на последниот попис. Неизмерно сакаат селото да продолжи да живее, да се раскажува приказната за Коњско, кое во минатото ги снабдувало источните села со дрва од Пречна Планина. Се надеваат дека ќе имаат вода за пиење бидејќи сега технички се носи до домовите од езерото.
Скопјанецот Орце, кој овде живее преку целата година, е одговорен за спојките од цревата и тој е како дежурна служба доколку има некој проблем. Седнувањето на масата во неговиот двор не поминува без чашка „лозова“. Секоја трета куќа е сврталиште на малкутемина што се грижат за мирот.
„Како седиш преку целата година“, го прашувам, божем е Робинзон Крусо, а тој ми вели „се спојувам со природата, ние сме едно, јас ѝ помагам на неа, таа ме дарува мене“ и го гледам како носи торба со диви смокви за слатко, а низ тревниот двор трчаат јарињата, стадо кое сака да го рашири. И така сфаќам дека на преспанскиот полуостров секој ден е нов предизвик кој лесно се совладува само ако си сојузник со природата.

А овде таа не се штедела, ако одиш во пролет, ќе сретнеш бумбари што ги има само во енциклопедиите. Брмчат како раштиман оркестар, а звукот на хорната се слуша од мајскиот бумбар, кој го пара воздухот со рогот што го носи гордо. Големи пеперуги во комбинација од бои кои би биле инспирација за секоја уметност. Разновидни растенија ти го вежбаат спектарот во очите, камилицата тука ја има во изобилство, а мирисот на рузмаринот се чувствува надалеку. Тревите се карактеристика и за езерото, во деловите каде што водата порано ја покривала земјата, сѐ уште се видливи светлозелени растенија со исправени и дебели листови. Во трската прескокнуваат мали жаби кои е невозможно е да ги забележиш поради идентичната темнозелена боја со околината. Мали долгоопашести гуштери кои секавично се кријат под камењата божем ти се плашат, но срамежливо сакаат да ти се покажат – тука сме и ние. Преспанските диносауруси, желките, овде ги има во голем број, тешката бавност со која ја газат тревата, лисјата и гранките зборуваат за нивното големо искуство како да се преживее во дивината.



Ако, пак, го кренеш погледот кон небесната шир, сенка ти фрла распонот на крилја од белиот пеликан, кој достигнува и до два метра. Тој е кралската птица на Преспанското Езеро. Полетува од густите крошни на високите дрвја, промовирајќи ја својата доминантност, еднаш-двапати замавнува со крилјата и грациозно прелетува и до километар над езерскиот басен. Густите намокрени пердуви, овој темплар на преспанскиот екосистем ги суши на дрвото каде што е загнезден, широко мавтајќи ги расфрла тешките капки вода од крзното, сушејќи се. Но, бројот пеликани драстично се намалил поради птичја болест, велат мештаните, на ланскиот попис биле избројани околу 80-90 птици од овој редок вид кај нас, а само на источниот дел од островот Голем Град ги има околу 40-тина. Небото и белвицата ги делат со кормораните кои се побројни, ловат партнерки наутро и приквечер, а кога бисерната ситна риба доаѓа на крајбрежјето на езерото, кормораните ја разбркуваат, а пеликаните лесно ја голтаат со големиот клун. Чудно е како опстанокот во природниот синџир ги научил овие птици дека има доволно за сите. Дури и за човекот. За жал, не мислеле така четворица рибокрадци, Македонци од албанските села, кои полицијата ги фати на дело како ловат крап за време на неговото местрење кога има забрана. Им стави лисици на рацете и им одзеде околу 60 кг риба. Забраната беше до 1 јуни, а потоа можат да ловат и да продаваат оние што платиле дозвола кај концесионерот. Ситен крап може да се најде и за 150 денари од килограм, колку е поголема рибата расте и цената, од 250 до 350 по килограм. А рибата печена на скара, може вода да ѝ носи на која било морска риба, месото се одделува од коските, чистината на дното од езерото каде што живее крапот ти прави чувство како да се топи во устата. Најдобро е само убаво да го посолите и да го испржите во врело масло. Ако заседнеш со рибарите, ќе ги слушнеш и нивните необични приказни, од тоа како крапот се лови со посебна кукеста игла на која е ставено зрно пченка, до тоа како капиталец од над 20 килограми толку лавовски се борел за живот што успеал да ја раскине мрежата која ветувала улов. За жал, и на ова рајско место во нашата Македонија ѓубрето покрај селските контејнери фрла сенка. Стари каучи, телевизори и градежен отпад. Крајбрежјето е релативно чисто, на некои места ќе сретнеш некое пластично шише или амбалажа и ќе го земеш да го фрлиш макар и до дома да го носиш. Еколошката совест, за среќа, работи кај неколкутемина кои прават тури со чамци до островот. Додека ги чекаат љубопитните странци, селаните собираат и по две кеси ѓубре фрлено на живописниот остров.
Големиот град на желките, змиите, птиците и рибите
Од брегот на Коњско до Голем Град се вози со моторен чамец, до островот се стигнува за околу 20 минути. Со чамџијата се договараш од претходниот ден или рано наутро, како ние со чичко Христо. Ја договоривме цената која нема да ја откриеме, туку само ќе кажеме дека е една за домашни туристи, а друга за странци. Си подадовме рака и договорот го залеавме со една чашка ракија. Тргнувањето беше претпладне, капетанот нѐ седна на перничињата со кои ги покрива штиците, стави бензин во моторот и приказната почна. Чичко Христо е човек на 81 година, и половина од братучедите му се од некое од 11-те албански села кои гравитираат околу Голем Град. Неговата мајка потекнува од албанскиот крај, а до почетокот на 90-тите, поради режимот на Енвер Хоџа, многу наши не можеле да си ги видат најблиските.
„Во 1991, кога го турнаа режимот, нашите од Албанија ги тргнаа бурињата од езерото со кои беше обележана границата, дури тогаш ги запознавме најблиските. Мајка ми се омажила во преспанскиот крај во 40-тите, можете да замислите како ѝ било што не можела да си ги види родителите“, ја почнува својата животна приказна Христо. Си спомнува како со сопругата, ловејќи риба под стрмината на карпите, им пришол непознат пар од другата страна на линијата, муабетејќи, сфатиле дека се блиски роднини. „Тажно беше тоа време, судбини“, вели нашиот возач.

Со чамецот се приближуваме до пеликаните, кои како бели чунови пловат по езерото. Моторот ги принудува да се издигнат над водата, а Христо ни вели „ајде сликајте, најубави се во лет“, и со право овие езерски птици си го добиле епитетот од мештаните – бели авиони. Пловат на источната страна од островот и тука е воочливо дека вегетацијата е исушена. Тоа е така бидејќи нивниот измет е премногу силен за флората, но хранлив за водниот екосистем. Голем Град е познат и по ендемскиот вид дрво – фоја, неговите гранки се исушени токму од изметот на пеликаните. Шумата го зафаќа целото плато на островот, а постојат стебла од фоја стари и по неколку стотини години. На островот има и смоква, црница, сливи, винова лоза, права „ендемска“ градина, каде што природата си воспоставила правила за да ги зачува мирот и спокојот на островот. На влезот нѐ дочека голема табла на која е насликана најраспространетата отровница во овој крај, поскок, со рог на главата како круна на симбол на моќ и достоинство. Ако планирате да го посетите „Змискиот Остров“, пожелно е да носите долги панталони и високи чизми. Гледајте каде газите, бидејќи поскокот напаѓа ако биде згазнат. Советот од нашиот водич беше да избегнуваме поголеми камења бидејќи таму се крие опасност. Христо одеше напред, тупкајќи со стап во знак дека се приближуваме. Секој чекор прави морници да ти поминат низ телото, а адреналинот бара да преживееш во кралството на влекачите. Опасната змија, чиј отров, според теоријата на нашиот водич, е најсилен во пролет бидејќи цела зима го чува во себе, не ја сретнавме. Но, ги видовме нејзини бели јајца како лежат скриени во старите гранки покриени со мов.
Куќите од римско време и средновековните цркви на островот му го доделиле епитетот „Светиот Остров“. Од вкупно 12 во минатото, денеска има остатоци од 6 цркви. Единствената целосно сочувана е црквата „Св. Петар“, изградена во 1360 година, позната по ретките фрески на јужната фасада меѓу кои и приказот „Опсадата на Цариград“, од 626 година. Црквата долго време немала покрив и фрескописот е целосно уништен од дождот. Покриена е неодамна, солидарно, од жителите кои се грижат да остане сочувана. Тука, покрај „Св. Петар“, се наоѓаат остатоци од ранохристијанска базилика од 5 век. Во книгата оставена за потпис на посетителите доминираат странците, ама затоа нашите си ги изгребале иницијалите над иконата на браќата просветители, светите Кирил и Методиј, и тоа на латиница.


Патчињата по кои нѐ води Христо се тесни и помалку стрмни. Поставени се големи знаци за забрането пушење, а напати мораш да се бориш со природата и да ги поместуваш старите паднати гранки од фоја. Несрамежливо те поздравуваат желките, секоја од нив на оклопот ги носи бројката и името за распознавање. „Доаѓаат научници од многу европски земји, еднаш во мај и сега ќе дојдат пак, спијат во шатори, ги истражуваат и водните змии, прават импровизирани корита, ги полнат со вода и таму ги мерат“, вели нашиот водич низ адреналинската дестинација.
Покрај хеленистичката куќа од 2 век пред нашата ера, осамнала икона на светецот Димитрија, ставена во стара ‘рѓосана рамка полна со ситни парички оставени за здравје и зацврстена со островски камења за да, случајно, не падне од времето. Од црквата од 14 век, која го носи името на овој светец, останале само сивите камења. „Св. Димитрија“ е нем сведок на средновековниот духовен живот на островот Голем Град, некогашен монашки центар во срцето на Преспа. Покрај црквата се наоѓаат стари гробови и некропола, а тоа само ни потврди дека на островот постоел значаен манастирски и духовен комплекс меѓу IX и XIV век и бил важен религиозен центар во Преспа. Покрај овие камења, освен мов, растат стотици ботанички бисери – симболи на дивата убавина на островот.
„Порано, сточарите од Коњско и по неколку месеци ги оставале овде недоразвиените јагниња или јариња да пасат од калоричната трева“, одговара Христо на прашањата испровоцирани од живописноста на островот.

Прошетката на источната страна завршува со можеби најимпозантното монументално наследство – Римската цистерна од 4 век, а подоцна и црква од 13 век. Цистерната била изградена во античкиот период, најверојатно во времето кога регионот бил дел од Римската Империја. Нејзината главна намена била да собира и да складира дождовница, бидејќи Голем Град е карпест остров без извори на пивка вода. Откриените остатоци покажуваат високо ниво на инженерско знаење – внатрешноста била обложена со непропустлив малтер, што овозможувало водата да се чува подолг период. Се претпоставува дека римската цистерна подоцна ја користеле и монасите кои живееле на островот во средниот век. Таа им обезбедувала вода, ја пиеле и се миеле преку видливите шопурки, во периодите кога островот бил населен. Од камените бедеми, погледот се отвора како жива разгледница кон Преспанското Езеро.

Водата, мирна како огледало, ги прегрнува сините контури на планините што достоинствено се издигаат на хоризонтот. Нијансите на тиркизна и смарагднозелена боја се прелеваат покрај брегот, создавајќи впечаток дека езерото крие сопствена магија под својата кристално чиста површина. Секој бран е едвај забележлив, како тивок шепот на природата, а далечните ридови се огледуваат во водата, дополнувајќи ја сликата на совршен спокој. Ова е место каде што времето како да застанало – каде што небото и езерото се спојуваат во едно, поглед што не само што го одзема здивот туку останува врежан во сеќавањата долго по заминувањето. Овде не остануваш само да му се восхитуваш на пејзажот, туку трпеливо го чекаш неговото височество крап да скокне високо од длабочините, радувајќи му се на топлото сонце.

И тогаш, окото секавично го бара звукот од каде што доаѓа силниот пулс, рибата како да танцува и прави пируета над езерото, нурнувајќи повторно назад во зелената вода без можност да го овековечиш грандиозниот миг.
Враќајќи се по истиот пат, нашата возбудлива прошетка завршува кај големата пештера, која величествено се издигнува на карпестиот брег од островот, плод на еден природен процес меѓу водата и варовникот. Пештерата е како сцена од филмот „Јура парк“, потсвесно очекуваш дека од помалите темни отвори на карпите ќе излезат малите диносауруси. Христо вели дека пештерата служела како засолниште на монасите и на локалното население, а во близина се пронајдени траги од човечко присуство на островот од античкиот и средновековниот период. Скриена меѓу стрмните карпи на Голем Град, пештерата изгледа како природен чувар на островските тајни. Нејзиниот темен влез и денес буди љубопитност кај посетителите, додека легендите за монасите и древниот живот му даваат дополнителна мистичност на овој преспански бисер.

И дојде време да се разделиме со „Змискиот остров“, нашиот капетан ги поздравува колегите кои на топлото, пладневно сонце покрај брегот ги чекаат групите на Холанѓани, Полјаци, Данци… „Странските тури се организираат од туристички агенции преку селото Стење, но има и такви кои сами доаѓаат во Коњско па ги носиме ние“, вели Христо.
Враќањето беше исто толку возбудливо колку и возењето кон островот. Додека чамецот полека се оддалечува од Голем Град, пеликаните се појавуваат како вистински домаќини на Преспа. Со раширени крилја над езерската ширина, ги поздравуваат посетителите на заминување, оставајќи им незаборавна слика од едно од најубавите природни богатства во Македонија.

Доживувањата од турата на нашиот водич не запираат, возејќи по граничната линија со Албанија, во далечината на погледот се издигнуваат високи карпи што на прв поглед се обични релјефни карактеристики на островот, но како се што приближувавме со чамецот, се исцртуваат контурите на пештерската црква „Св. Богородица“. Поблиску и да сакаш не можеш бидејќи црквата е на албанскиот дел од езерото и ризикот дека ќе наидат мобилните полициски единици од двете страни е голем. Приказната е дека одамна, кога Преспанското Езеро било уште помирно и планините повисоки во очите на луѓето, во карпите над езерото живеела мала монашка заедница.

Меѓу нив имало еден стар монах, кој секоја ноќ ѝ се молел на Пресвета Богородица да го заштити народот од болести, бури и војни. Една вечер, додека месечината се огледувала во водата, тој видел силна светлина како се спушта од небото и застанува токму во карпата над езерото. Утредента, монасите пронашле необично мек камен и без тешкотија издлабиле мала црква токму на тоа место. Се верувало дека Богородица самата го „избрала“ тој дел од карпата за свое прибежиште. Оттогаш, луѓето велат дека во тивки вечери, кога езерото е мирно, од карпата се слуша тивко пеење и ѕвонење на ѕвона – како знак дека Богородица сè уште го чува преспанскиот крај. Реновирана е од македонската заедница и се смета за една од најатмосферските „скриени“ цркви во Преспа – тивка, тешко достапна и со силен духовен амбиент. Локацијата е особено впечатлива бидејќи е сместена во карпа над езеро со поглед кон трите граници. Врежана во вертикална карпа, во својата внатрешност има тесни и стрмни скалила и средновековни фрески. Местото е познато и како „Црквината“ и се наоѓа близу албанското село Туминец.

Патот наназад изгледа ист, но не е, со себе носиш полн куфер приказни. Водата што мирно се лелее покрај брегот веќе не е само езеро, туку огледало на векови. Секој свеж навев на ветрец како да ти вели врати се пак, да си поприкажеме. И додека доаѓаме кон почетната точка, брегот на Коњско, чувствуваш чудна двојност – телото се враќа, но мислите остануваат на „Змискиот остров“, заглавени меѓу пеликаните, желките, змиите, старите цркви, во оние агли каде што историјата и природата се споиле во нешто поголемо од кој било напишан збор.
На пат за Скопје, од височините на Галичица низ чија шума води земјениот пат, последен пат ќе се свртиш кон Коњско и Голем Град, ќе ти стане јасно дека не си бил само на патување, туку на дијалози со минатото. Под тебе, Преспанското Езеро лежи мирно, како да чува тајни постари од секој запис. Во секој здив на ветерот има нешто старо, нешто познато, нешто што те повикува повторно да се вратиш. Ранецот што го носиш на грб не е празен – во него има прашина од патеките, ладен здив од езерото и скриена покана од природата за повторна средба. Бидејќи најубавиот крај не се раскажува – се доживува…












