По години шпекулации, одложувања и неизвесност, Конор Мекгрегор конечно повторно ќе влезе во октагонот. Ова го потврди и претседателот на УФЦ, Дана Вајт, а мечот ќе се одржи на настанот УФЦ 329 во Лас Вегас, на 11 јули.

Негов противник ќе биде добро познатиот Макс Холовеј, во реванш што предизвикува огромен интерес кај ММА-фановите.

Нивниот прв дуел се одржа уште во 2013 година, кога Мекгрегор славеше и го најави својот подем кон светскиот врв. Но, денес ситуацијата е многу поинаква.

Мекгрегор се враќа по пауза од четири години и по тешкиот пораз од Дастин Појрие. Во меѓувреме, Холовеј изгради импресивна кариера и стана еден од најпочитуваните борци во УФЦ.

Ирецот во изминатиот период имаше неколку најавени враќања кои никогаш не се реализираа. Особено многу се зборуваше за борбата против Мајкл Чендлер, која постојано се одложуваше. Сега, конечно, Мекгрегор има конкретен датум и сериозен ривал пред себе.

Од друга страна, ниту Холовеј не влегува во борбата во идеална форма. Тој зад себе има порази од Чарлс Оливеира и Илија Топурија, но и понатаму важи за еден од најопасните борци во категоријата. Токму затоа реваншот носи дополнителна драма и неизвесност.

Инаку, УФЦ 329 ќе понуди уште неколку атрактивни борби, но целото внимание ќе биде насочено кон враќањето на Мекгрегор. Големото прашање е дали, по долгата пауза, Ирецот ќе успее повторно да се врати на самиот врв на спортот што со години го одбележуваше.

ИЗДВОЕНИ