Поранешниот возач на Формула 1, Ралф Шумахер, смета дека е дојдено време легендите Луис Хамилтон и Фернандо Алонсо да ја завршат својата кариера.
Во интервју за германските медиуми, братот на легендарниот Михаел Шумахер порача дека двајцата ветерани треба да им отстапат место на помладите возачи.
- Хамилтон е во подобра позиција оваа сезона, но како што ќе напредува шампионатот, нема да може да му парира на Шарл Леклер, изјави Шумахер.
Ралф додаде дека истото важи и за Алонсо, кој според него, веќе нема што да докажува во Формула 1. Според него, и двајцата зад себе имаат неверојатни кариери, но природниот тек на спортот бара простор за новата генерација.
Хамилтон моментално има 41 година и оваа сезона вози за Ферари, каде што засега се наоѓа на петтото место во генералниот пласман. Неговиот тимски колега Шарл Леклер, според многумина, полека ја презема улогата на лидер во тимот.
Од друга страна, Алонсо има 44 години и сезоната не му започна според очекувањата. Шпанецот се мачи со резултатите и сè уште нема забележано посериозен успех оваа сезона.
Иако постојано нагласува дека сè уште има желба за тркање, шпекулациите за негово пензионирање стануваат сè погласни.
Ралф Шумахер во својата кариера настапуваше за Џордан, Вилијамс и Тојота. Тој забележа шест победи и 27 подиуми во Формула 1 пред да се пензионира.
Хамилтон и Алонсо заедно имаат повеќе од 100 победи и девет светски титули, што ги прави едни од најголемите имиња во историјата на спортот. Сепак, како што минуваат годините, прашањето за пензија станува неизбежно.
Во меѓувреме, како можен иден тимски партнер на Леклер во Ферари сè почесто се споменува младиот Оливер Берман.











