недела, ноември 15, 2026
Дома СВЕТ Светот доцни во борбата со климатските промени: Научниците нудат ново решение

Светот доцни во борбата со климатските промени: Научниците нудат ново решение

0

Во текот на изминатата деценија, целта од 1,5 степени Целзиусови служеше како главен водечки принцип за климатските активности – граница за чие почитување се обврзаа нациите, со цел да се избегнат најтешките последици од затоплувањето на планетата. Сепак, на овогодинешната глобална климатска конференција – прва откако Обединетите нации објавија дека прагот од 1,5 степени Целзиусови ќе биде надминат – се чини дека државите имаат тешкотии да се соочат со оваа реалност.

Светот веќе се загреа за приближно 1,4 степени Целзиусови во споредба со прединдустриските нивоа, а во септември ОН објавија дека надминувањето на границата од 1,5 степени Целзиусови – најамбициозната цел од Парискиот договор – е неизбежно и ќе се случи наскоро. Сепак, во Турција, каде што преговорите на конференцијата COP31 стигнаа до својата половина, некои нации – особено оние што се на првата линија на климатската криза – остануваат цврсто посветени на оваа цел.

Светот е на пат да се загрее над 1,5 степени Целзиусови.

Сурангел Випс Помладиот, претседател на Палау – островска држава во Пацификот загрозена од порастот на нивото на морето – изјави дека 1,5 степени Целзиусови не е само „апстрактна цел“.

„Тоа е егзистенцијална закана за нашата храна, нашите економии и нашиот суверенитет“, им рече тој на светските лидери во Анталија. Според резимето на преговарачките позиции објавено од Австралија, која претседава со разговорите, некои земји сакаат конечниот договор на конференцијата COP31 повторно да потврди дека 1,5 степени Целзиусови останува „вистинската цел“.

Исто така, постои поддршка за формулации кои се однесуваат на враќање на нивото од 1,5 степени Целзиусови „што е можно поскоро“, како и за ставот дека глобалните температури „сè уште можат“ да се намалат откако ќе се надмине тој праг.

Иако некои преговарачи се скептични во приватните разговори, тие не сакаат да се откажат од целта што се смета за клучна за поттикнување на што побрзо намалување на емисиите на стакленички гасови, кои предизвикуваат затоплување на планетата.

Други, пак, гледаат можност да се отфрли целта од 1,5 степени Целзиусови, изјавија за агенцијата AFP неколку набљудувачи на климатските преговори што се одвиваат зад затворени врати. Меѓу нив се Арапската група и групата на земји во развој со слични ставови (LMDC) – во која спаѓаат држави како Саудиска Арабија и Индија – според извори од овие два преговарачки блока на земји во развој.

Висок претставник од една западна земја предупреди на „можна регресија“ во климатските активности доколку овие напори вродат со плод на конференцијата COP31.

Џаспер Инвентор, шеф на делегацијата на „Гринпис“, во Анталија, изјави дека некои земји во развој стравуваат оти „посилното инсистирање“ на целта од 1,5 степени би можело да резултира со поголем притисок за намалување на емисиите, без притоа да се обезбеди дополнителна финансиска поддршка. Во листата на преговарачки приоритети објавена во четвртокот, некои земји исто така побараа отфрлање на „сивата литература“ – потег што се толкува како индиректно оспорување на работата на Програмата на Обединетите нации за животна средина (UNEP).

Во септември, UNEP ја објави првата студија од ваков вид за сценаријата на „надминување“, истражувајќи како светот би можел да ги врати глобалните температури на ниво од 1,5 степени Целзиусови до 2100 година, откако претходно ќе дојде до надминување на тој праг.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш – кој целиот свој десетгодишен мандат го посвети на обединување на нациите околу целта од 1,5 степени – изјави дека секое надминување мора да биде „што е можно помало и пократко“.

Според Парискиот договор, речиси 200 земји се согласија да го задржат глобалното затоплување „значително под“ два степена Целзиусови, истовремено вложувајќи напори тоа да се ограничи на 1,5 степени. Сепак, со оглед на тоа што во годините по усвојувањето на договорот се натрупаа научни докази, понискиот температурен праг стана сè поважна и поитна цел.

Научниците предупредуваат дека над границата од 1,5 степени Целзиусови, ризиците поврзани со глобалното затоплување нагло се зголемуваат – од поразорни поплави и топлотни бранови, па сè до неповратни промени на планетата, како што е трајното губење на коралните гребени. Сепак, идејата дека затоплувањето може да се пресврти и глобалните температури да се вратат на 1,5 степени Целзиусови останува неизвесна, вели Пјер Фридлингштајн, климатолог од Универзитетот во Ексетер и главен автор на референтната студија „Глобален буџет за јаглерод“ (Global Carbon Budget). За да се постигне ова, штетните емисии би требало нагло да се намалат, додека истовремено од атмосферата би морало да се отстранува јаглерод – било преку природни средства, како што се садење дрвја и обновување на влажните живеалишта, или преку примена на нови технологии.

„Примената на овие нови технологии“ би била потребна во огромен обем, во текот на неколку децении, изјави Фридлингштајн за АФП. Тоа не е нешто што би го нарекол утописки, но секако е исклучително амбициозно“, заклучи тој.

ИЗДВОЕНИ