„Рапсодија“ е насловен концертот на Македонската филхармонија што ќе се одржи в четврток со почеток во 20:00 часот, на кој како солистка ќе настапи виолинистката Ава Бахари од Шведска, а диригентка ќе биде Бар Авни од Израел.

На програмата се симфониската поема „Златното вретено“, оп. 109 од Антонин Дврожак, Поемата за виолина и оркестар, оп. 25 од Ернест Шосон, Рапсодија за виолина и оркестар од Морис Равел и „Кармен суита“ од Бизе-Шчедрин.

Диригентката Бар Авни (1989, Израел) е добитничка на првата награда на натпреварот „Ла Маестра“ во Париз, во 2024 година, награда што ѝ беше доделена од престижно жири предводено од влијателната Натали Штуцман. Во моментов, маестро Авни е главен диригент на филхармонијата „Бајер“, позиција на која е од 2021 година, како прва жена диригент во 120-годишната историја на оркестарот.

Опишана од „Страд“ како „значаен нов талент“, Ава Бахари, пак, е многу остварена шведска виолинистка, со свеж и посебен пристап кон репертоарот. Добитничка е на бројни награди, меѓу кои први награди на меѓународните натпревари „Премио Паганини“ во Џенова (2021), „Конкурс интернешнл тибор варга“ во Сион (2021) и „Аурора мјузик компетишн“во Стокхолм (2019). Во сезоните 2024/2025 и 2025/2026, Бахари беше и е резидент-уметник на Гетеборшкиот симфониски оркестар.

 

ИЗДВОЕНИ