Општина Дојран спроведе акција за уредување на пешачката и велосипедската патека покрај дојранското крајбрежје.
Од јавното комунално претпријатие „Полин“ информираат дека во рамките на оваа активност се искастрени десетгодишните леандри, кои служат како зелен појас меѓу пешачката патека и регионалниот пат. Исто така, клупите за одмор поставени по должината на истата патека се бојосани и поправени.
Заедно со комуналното претпријатие „Полин“, Општината ја санираше и фонтаната со фигура на девојката Дојрана во централното подрачје.
Од „Полин“ најавуваат дека фонтаната е исчистена, поправена е пумпата за вода и осветлувањето и наскоро ќе биде пуштена во употреба.
На почетокот од овој месец, Општина Дојран склучи меморандум за соработка со казнено поправните установи од Струмица и Гевгелија, со цел да се врши работно ангажирање на осудените лица кои издржуваат казни во овие две установи.
Зелениот појас од леандри, чие одржување е во надлежност на Општината, е засаден со изградбата на вториот дел од патеката на потегот од Стар до Нов Дојран, пред десет години, во должина од 2.864 метри и широчина четири метри, а се состои од пешачка зона и простор за велосипедисти.
Вториот дел од патеката е продолжение на претходно изградениот прв дел, кој, пак, е во должина од 2.650 метри.












