Од ИФЦ повикаа на поголемо вклучување на приватниот капитал и јавно-приватните партнерства за финансирање на енергетската транзиција. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, побара поголема поддршка за домашните компании, додека министерката за енергетика, Сања Божиновска, истакна дека новата законска рамка треба да обезбеди побрзи инвестиции и поголема интеграција со европскиот енергетски пазар. Според Светската банка, зголемената потрошувачка на струја ќе бара значајни вложувања во обновливи извори и модерна енергетска инфраструктура
Потрошувачката на електрична енергија во Македонија до 2040 година ќе се зголеми за дури 26 проценти како последица од користењето на новите технологии. Ова се процените на Групацијата Светска банка, кои беа презентирани на првиот „Ден на ИФЦ“ во Скопје. Од Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) порачаа дека за задоволување на очекуваната побарувачка на енергија во идниот период и за подобрување на енергетската безбедност на државата ќе бидат неопходни инвестиции во сончева, ветерна и друга модерна енергетска инфраструктура, при што клучна улога треба да има и приватниот капитал.
– Ја гледаме енергетиката како стратешка дејност. Македонија има значителен потенцијал за проширување на домашното производство на обновлива енергија и зајакнување на својата енергетска независност. Инвестициите во ветерна, сончева и модерна енергетска инфраструктура ќе бидат од суштинско значење за задоволување на идната побарувачка и подобрување на енергетската безбедност. Треба да се искористи приватниот капитал. Привлекувањето на приватните инвеститори ќе биде особено значајно – изјави Вибке Шломер, директорка на одделот за Западен Балкан и Јужен Кавказ во ИФЦ.
Шломер нагласи дека покрај вложувањата во обновливи извори на енергија, државата треба повеќе да се насочи и кон моделите на јавно-приватно партнерство за реализација на развојни проекти.
– Гледам дека многу странски компании работат овде. Следен чекор кон кој треба да се премине е производство со поголема додадена вредност и заштита на екосистемот. Гледаме инфраструктурни проекти, но има јазови. Сакам да ве заинтересирам за јавно-приватно партнерство. Работиме на стотина јавно-приватни партнерства во светот. Тоа овозможува да се донесе експертиза од приватниот сектор и забрзана реализација на проектите – порача Шломер пред претставниците на бизнис-заедницата.
На потребата од масовни вложувања во енергетскиот сектор предупреди и Вадим Шербаков, офицер за инвестиции во инфраструктура во ИФЦ, според кого енергетската транзиција нема да биде можна без силна финансиска поддршка.
– За енергетската транзиција треба големи инвестиции за производство, пренос и складирање на енергија, но добро е што апетитите на инвеститорите се големи. Тука е поддршката на меѓународните финансиски институции и на комерцијалните банки – рече Шербаков.
Тој посочи дека инвеститорите и натаму се соочуваат со сериозни предизвици.
– Приватните инвеститори се соочени со потреба од големи пари однапред и со обемни административни процедури. Енергетскиот контекст на Северна Македонија е поврзан со енергетскиот контекст во Западниот Балкан. Гледаме посветеност на Владата за напуштање на фосилните горива, како и значителен напредок во правната рамка – истакна Шербаков.
На настанот, министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, порача дека партнерството со ИФЦ има стратешко значење за инвестициите, енергетската транзиција и зголемувањето на конкурентноста на македонската економија.
– Нашата определба е да поддржиме инвестиции што создаваат поголема додадена вредност, отвораат нови работни места и ја зголемуваат конкурентноста на меѓународните пазари, вклучително преку интеграција во глобалните синџири на вредност – рече Димитриеска-Кочоска.
Таа нагласи дека Владата останува посветена на создавање стабилна и предвидлива деловна клима, но и отворено побара поголема поддршка за домашните компании од страна на ИФЦ.
– Кога зборуваме за зголемување на основачкиот влог на нашата земја, прашав што тоа ќе значи за нас. Да, ИФЦ поддржува одредени компании, но тоа се странски инвеститори. Јас барав поддршка за домашните компании и им пренесов дека имам чувство дека тие не им веруваат. Потоа двапати немавме состанок. Но, сега сме овде и ја очекувам поддршката за домашните компании – изјави министерката.
Според неа, позитивен сигнал е фактот што македонската економија бележи пораст седум квартали по ред, а последните податоци покажуваат пораст на бруто-домашниот производ од 3,1 процент во првиот квартал од годинава.
На панел-дискусијата посветена на енергетската транзиција учествуваше и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која истакна дека реформите во секторот се насочени кон создавање поотпорен и посигурен енергетски систем.
– Создаваме правна рамка за поотпорен и посигурен енергетски систем. Новиот Закон за енергетика, донесен во 2025 година, ја усогласува Македонија со Пакетот за чиста енергија на Европската Унија и воспоставува посилна рамка за развој на обновливите извори на енергија, системите за складирање на енергија и организираните пазари – рече Божиновска.
Таа нагласи дека енергетската транзиција претставува можност за нов економски циклус и дополнителни инвестиции.
– Нашата цел е македонскиот пазар поефикасно да се интегрира со регионалните и европските пазари на електрична енергија бидејќи подлабоката пазарна интеграција значи поголема ликвидност, подобри можности за управување со ризиците и поголема доверба кај инвеститорите – истакна Божиновска.
Меѓу позначајните проекти што во моментов ги поддржува ИФЦ е инвестицијата на „Алказар енерџи“ за изградба на ветерен парк кај Штип. Според најавите, проектот ќе обезбедува електрична енергија за повеќе од 100.000 домаќинства и ќе придонесе за намалување на емисиите на јаглерод диоксид за околу 690.000 тони годишно.
Од ИФЦ оценија дека токму ваквите инвестиции ќе имаат клучна улога во обезбедувањето стабилно снабдување со електрична енергија и во забрзувањето на зелената транзиција на македонската економија во наредните децении.
(С. Бл.)












