вторник, јуни 30, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Компромисот за деблокадата на Изборниот законик во рацете на координаторите

Компромисот за деблокадата на Изборниот законик во рацете на координаторите

На две денешни средби на координаторите на пратеничките групи се барало решение за надминување на проблемите преку собраниската процедура и поднесување на неколку амандмани. „Ние нема да се премислиме околу најавената блокада“, изјави категорично координаторот на опозицискиот СДСМ, Оливер Спасовски, чија партија подготви 10.000 амандмани

1

НЕИЗВЕСНОСТ ДАЛИ ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ПРОМЕНИ ЌЕ ТРГНАТ НА ПАТ КОН УСВОЈУВАЊЕ

Убедувањата за да не се случи блокадата на новите промени во Изборниот законик се случуваа вчера во македонското Собрание, но со неизвесен епилог. Откако опозициските партии СДСМ и Левица најавија блокирање на процедурата на носењето на промените кои биле договорени во меѓупартиската група која работеше во Министерството за правда, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ вчера имаше обид да се постигне некаков договор со кој ќе се направеше прифатлив компромис. На две средби со координаторите на пратеничките групи се разговараше околу можните решенија, но тие на крајот не донесоа оптимизам дека проблемот со најавената блокада може да се надмине.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, за весникот ВЕЧЕР изјави дека обидите да ги разубедат „нема да помогнат“.

– Имавме средба со координаторите, но немаше успех. Ќе продолжиме и натаму. Но, ние нема да се премислиме околу најавената блокада – изјави категорично Спасовски.

И координаторот на пратеничката група на владејачката партија, Никола Мицевски, ни изјави дека средбите ќе продолжат.

–Разговараме околу можните решенија. Не можам да кажам ниту дека сум оптимист ниту дека сум песимист. Ги разгледуваме сите можности како да се изгласа Законикот низ собраниска процедура – рече Мицевски за весникот ВЕЧЕР.

Спорно гласањето на дијаспората

Познато е, СДСМ и Левица завчера најавија „филибастеринг“, односно, блокирање на процедурата на носењето на Изборниот законик бидејќи собранискиот Деловник им го овозможува тоа. Опозициските социјалдемократи веќе подготвија 10.000 амандмани кои ќе ги поднесат веднаш штом ќе бидат закажани седници на две собраниски комисии преку кои предложените измени треба да поминат во рамките на итната процедура. До ова дојде откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче, соопшти дека ќе го запрат носењето на измените бидејќи не се задоволни од решенијата. Социјалдемократите стравуваат од злоупотреба на изборниот процес и порача дека ваков закон Собранието не смее да донесе. За нив посебно спорен е предлогот за електронско гласање на дијаспората бидејќи нема доволно механизми за контрола, промената во начинот на означување на гласачкото ливче и ограничување на приговорите само ако се внесени во записниците.

За социјалдемократите, посебно спорно е електронското гласање на дијаспората од кое, меѓутоа, ВМРО-ДПМНЕ и Вреди не сакаат да се откажат. Опозициската ЛДП, пак, не е против електронското гласање, но смета дека тоа треба да се воведе за сите гласачи, односно да не важи само за гласачи од дијаспората, туку за сите гласачи. Односно, и во Македонија да се гласа електронски бидејќи, во спротивно, би се направила дискриминација на гласачите.

Завчера, премиерот Мицкоски излезе со предлог опозицијата сама да предложи амандман кој ќе им биде прифатлив како законско решение.

–Ајде вака: предложете амандмани со кои барате корекција на начинот на заокружување и поднесување приговори. Веднаш ќе ви ги прифатиме. Повлечете ги другите амандмани и да го изгласаме Изборниот законик. Нашата дијаспора има право да учествува по електронски пат на следните претседателски избори, во време кога во светот вештачката интелигенција ќе има клучна улога – порача премиерот.

Меѓутоа, и ваквата понуда не е прифатлива за СДСМ.

–Тоа е неприфатливо за нас. Немаме намера да поднесуваме такви амандмани. Потребно е да се репреговара целиот Изборен законик и решенијата во него – изјави Спасовски.

Се појави и недоговорен член

Од опозициската Левица, која исто така, најави блокада на Изборниот законик вчера не можеше да се добие изјава околу начинот на кој планираат да ја спроведат блокадата. Координаторот Борислав Крмов на завчерашната собраниска седница тврдеше дека „не е точно дека имало каков било консензус од партијата Левица за предлогот на промените“.

–Сето тоа се лаги. Ние сме доведени да прифатиме којзнае што, само за да фрлите неколку ситни трошки и потоа да тврдите дека има согласност. Исправањето на неуставните решенија не е услуга кон Левица, туку ваша обврска.

Крмов наведува дека еден член „магично се појавил заедно со предлогот, а во него се набројани десетици наводни вербални прекршоци, со кои буквално се отвора можност за воведување цензура за време на изборите.

–Ако нешто кажеме или напишеме на социјалните мрежи, тоа може да биде прогласено за прекршок и да биде казнето со глоба до 8.000 евра – наведува Крмов, кој категорично се спротивстави на ова.

Претходно реагираше и претседателот на Левица, Димитар Апасиев, кој рече дека останува на ставот дека државното финансирање на изборните кампањи мора да важи еднакво за сите политички субјекти или воопшто да не постои.

– Нашиот став беше јасен – или да има за сите или да нема за никој државно финансирање! Наместо државно финансирање, може да има само телевизиски дебати – порача тој.

На денешните средби се зборувало за можните решенија за барањата на Левица околу финансирањето на кампањите и околу тоа се предложени неколку решенија. За ЛДП е неприфатливо најголемиот дел од финансиите за медиумското рекламирање повторно да завршат кај големите партии. Спорен е и бројот на потписи што треба да го соберат независните за учество на парламентарните избори – 0,8 отсто од вкупно запишаните избирачи. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ