Рејтингот на Трамп се сведе на 37 проценти, а од независните гласачи му даваат доверба само 27 проценти. Врховниот суд, во понеделникот, одлучи дека може да се бројат и гласовите стигнати по пошта, наспроти упорното барање на Трамп да не се бројат, а нема шанси да помине и неговиот предлог за изборен закон наречен „Спасете ја Америка“, со кој многу се ограничува правото на глас. Сорос, со донација од повеќе од 100 милиони долари за демократите месеци пред ноемвриските избори, е на пат да стане најголем индивидуален донатор во историјата на Америка
Се ближат среднорочните избори во Соединетите американски Држави, а на претседателот Доналд Трамп и неговите републиканци веќе им гори под нозете. Во ноември, на средината од претседателскиот мандат, демократите и републиканците ќе си ги одмеруваат силите преку гласачките кутии, а повеќето прогнози се на страната на демократите.
Во моментов, вниманието на Трамп е насочено кон организација на прославата на 250-годишнината од независноста на САД, што го прави среќен зашто тој голем јубилеј се погоди во неговиот втор мандат. Но, причини за грижи има и тоа големи. Од една страна, сите анкети покажуваат дека рејтингот континуирано му опаѓа под влијание на економијата притисната од високите цени на горивата поради војната. Од друга страна, Врховниот суд му одби послушност за изборите, а неговите републиканци имаат и трета причина за грижа – кон демократите уште сега се слева река од пари.
Рејтингот на Трамп се сведе на 37 проценти, а од независните гласачи му даваат доверба само 27 проценти. Само 23 проценти од Американците велат дека тој добро се справува со трошоците за живот, а 27 проценти сметаат дека може да ја скроти инфлацијата.
Наспроти упорните барања на Трамп, американскиот Врховен суд во понеделникот одлучи дека федералните држави можат да ги бројат и гласовите што пристигнуваат по завршување на изборниот ден. Тоа се гласовите испратени по пошта, под услов датумот на испраќање да е на изборниот ден. Одлуката беше донесена со тесно мнозинство од 5-4, но доволно да се одбие правниот напад на републиканците на Трамп врз законите во повеќе од половина од американските држави, вклучувајќи го и Дистриктот Колумбија во кој се наоѓа главниот град Вашингтон. Трамп ја нарече таа одлука на Врховниот суд „огромна загуба“ и повторно го повика Конгресот да го усвои неговиот предлог-закон за избори познат како закон „Спасете ја Америка“. Иако неговите републиканци имаат мнозинство во двата дома на Конгресот, тоа не е доволно за да се усвои законот во горниот дом, Сенатот. „Единствената причина да се спротивставиме на овој закон е – ИЗМАМАТА“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Тру соушл“. Законот што тој го предложи предвидува намалување на гласачките права на Американците, намалување на бројот на лица кои можат да гласаат по пошта и бара од гласачите да им покажат на властите доказ за американско државјанство пред да се регистрираат за гласање. Постапката водена во Врховниот суд е дел од поширокиот напад на Трамп врз најголемиот дел од правото за гласање по пошта. За него, тоа е легло на корупција, и покрај силните докази дека не е така. А одлуката на Врховниот суд кажува дека среднорочните избори нема да се организираат по мерката на Трамп.
Во пресрет на среднорочните избори во ноември, на кои ќе се избираат сите 435 членови на Претставничкиот дом на Конгресот, како и 33 или 34 члена на Сенатот, демократите добиваат огромна финансиска инфузија. Американскиот милијардер и еден од највлијателните финансиери на Демократската партија, Џорџ Сорос и неговиот син Алекс, донираа дури 102,8 милиони долари за време на тековниот изборен циклус за среднорочните избори, пишува „Њујорк пост“. Ова го прави семејството Сорос еден од клучните финансиски столбови на Демократската партија, но, според критичарите, тоа е меч со две острици, зашто, донациите на Сорос се еден од главните двигатели на свртување на партијата кон лево. Бидејќи изборите се закажани дури за ноември, Џорџ Сорос би можел да го сруши сопствениот рекорд од 2022 година, кога за време на претходните среднорочни избори донирал вкупно 128 милиони долари и бил најголемиот индивидуален донатор во американската политика.
– Парите зборуваат, а парите на Сорос зборуваат најгласно – порачуваат дека на маса се најподмолните, неуставните и најскапите зголемувања на даноците во американската историја, рече Даглас Келог, директор на државните проекти во организацијата „Американците за даночна реформа“, опишувајќи го Сорос како „човек кој сака да биде негативец од Џејмс Бонд“ и тврдејќи дека тој стои зад левичарското преземање на Демократската партија.
Донираната сума не ги вклучува донациите што доаѓаат преку фондацијата Отворено општество и нејзината лобистичка гранка, Фондот за акција на отворено општество. Критичарите тврдат дека овие организации финансираат иницијативи за декриминализација на дрогата, либерализација на имиграциската политика и реформирање на полицијата.












