вторник, јули 28, 2026
Дома КОЛУМНИ КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Дневник на еден преживеан во македонското секојдневие

КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Дневник на еден преживеан во македонското секојдневие

1

Македонија ти е земја на чуда во која сѐ е возможно, а секој нов ден е како нурнување со главата нанапред во океан од простотилак и итроманство од најлош вид. Секое сабајле, штом ќе го преминеш куќниот праг, ти едноставно не излегуваш надвор — влегуваш во сурова арена каде што сите познати закони на физиката и логиката престануваат да важат. Штом ќе нурнеш во ова секојдневие, веднаш се соочуваш со нашата специфична временско-просторна релативност. Тука реченицата „идам за пет минути“ не е мерка за време, туку апстрактен филозофски концепт кој може да значи сѐ помеѓу 45 минути и следниот четврток.

Препреките почнуваат да се нижат уште пред да направиш десет чекори. Само што ќе ја отвориш вратата, во ходникот те сопира планина од мебел и стар душек, зашто комшијата решил да се сели баш во најголемиот утрински шпиц. Кога со прескокнување ќе стигнеш до гаражата, таму те чека класиката на македонското соседство — комшиска кола паркирана попречно точно пред капијата, никој да не може да излезе. А кога некако конечно ќе се извлечеш на главната улица, сфаќаш дека таа или е свежо прекопана од некоја мистериозна екипа, или ја блокирал камион мешалка кој лежерно истовара бетон за уште една дивоградба.

Денот во Македонија никогаш не започнува кога ќе изгрее сонцето, туку кога ќе се испие првото „експресо“ или „мало со малку ладно млеко“. Нашите кафулиња не се обични места за пиење кафе, туку вистински научни институти од највисок ранг. Уште додека е утрото свежо, на првата голтка веќе го решаваме проблемот со глобалното затоплување и инфлацијата. Час и пол подоцна, сѐ уште седнати на истата маса, правиме комплетно преструктуирање на НАСА, УЕФА и составот на фудбалската репрезентација, за потоа пред пладне да се посветиме на главната тема и да им направиме сочен анатомски пресек на сите можни пријатели, роднини, колеги и познаници — кој колку заработил, кој со кого раскинал и кој од каде извадил пари за нов автомобил. И сѐ тоа се случува за цена од едно кафе што го сркаме три часа, додека келнерот со дискретен поглед нѐ прашува дали конечно планираме да платиме кирија за масата.

Ако го преживееш утрото, те чека соочување со мајсторите. Да ти дојде мајстор дома во точно договорено време е феномен поредок дури и од помрачување на сонцето. Тој самоуверено ќе ти каже во понеделник дека во девет наутро е кај тебе дома. Во вторник во 14:00 часот, кога очајно го бараш на телефон, лежерно ти одговара дека еве, го фаќа алатот и за 10 минути истрчува. В среда следува тотално молчење, за конечно во четврток да се појави на врата. Го гледа проблемот, се потпира на ѕидот, воздишува длабоко и ја изговара легендарната реченица: „Уф… кој ти го правел ова пред мене?!“ Се разбира, нормално е дека дошол со празни раце, па следува шокантното откритие дека го нема токму „главниот дел“. Потоа мора да дојде уште два-три пати – првиот пат да го донесе погрешниот дел, вториот пат да го смени за вистинскиот, а третиот пат само да испие кафе и да ти објасни дека ова било многу специфична и тешка работа.

Кога конечно ќе излезеш од дома да завршиш некоја работа во банка, кај матичниот или во маркетот, се соочуваш со посебна категорија на преживување: културата на чекање ред. Трпеливо си стоиш во редот, сѐ додека одеднаш пред сите не излета некоја млада, трагично невоспитана, свежо ботоксирана и хијалуронизирана самопрогласена дама, која чекори со став дека целиот универзум е нејзина приватна сопственост и дека сите присутни треба инстинктивно да ѝ се тргнат од патот. А ако не е таа, тогаш сигурно е ликот што те претекнува од лева страна со универзалната лозинка на македонската итроштина: „Извинете, јас само нешто да прашам!“ Тврдењето дека е „само за прашање“ трае точно онолку колку што му треба за да извади четири папки, да заврши три уплати, да ја регистрира колата и на крајот да се помуабети со службеничката за времето.

Сепак, круната на нашата инвентивност се четирите трепкачи. Во остатокот од светот тие сигнализираат сообраќајна опасност, но тука тие се магична амајлија против пајакот и универзален изум за правење будала. Со пуштени четири трепкачи можеш да се паркираш на пешачки премин, на средина на кружен тек за да земеш бурек, па дури и во самиот влез на соседната зграда. Тие четири жолти светилки се директен одраз на нашата држава — штом ќе светнат, застанува секоја полициска логика и системски ред, а возачот добива „свето право“ да го блокира целиот булевар затоа што неговиот бурек е поважен од сите правила. Кај нас тие не значат „имам дефект“, туку: „Јас сум поважен од сите вас заедно, а вие слободно свирете му на мојот авторитет!“

И покрај сите дупки на патот, комшијата што решил да копа ѕид со хилта точно во 16:30 кога сите фаќаат попладневна дремка, и мајсторите што живеат во паралелна димензија – ние не го менуваме овој хаос, туку трпеливо го живееме. Го живееме денес, го живеевме вчера, а според сите сигурни прогнози, ќе го живееме уште долго, долго време, сѐ додека и самите не станеме дел од некоја идна ископана дупка или дивоградба. Затоа што тука системот не е расипан — тој е совршено дизајниран да функционира токму вака, на апарати за одржување во живот и на чист инает.

Затоа, пушти ги сите четири трепкачи на животот, не се нервирај за работи што не зависат од тебе (а кај нас ништо не зависи од тебе), допиј си го кафето и уживај во циркусот… влезницата за него и онака одамна сме ја платиле со сопствените нерви.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

 

ИЗДВОЕНИ