Од Белград до Будва, во повеќе истраги за ликвидации и обиди за убиства се појавуваат македонски државјани. Од Агенцијата за национална безбедност за весникот ВЕЧЕР потврдуваат дека наши млади државјани се врбуваат од регрути и влегуваат во српски и црногорски кланови. На лесните умови им се доверуваат тешки задачи – ликвидација на лицата за отстрел. Поранешниот полициски началник, Љубомир Ѓурчевски, предупредува дека регрутацијата почнува уште на улица, а завршува со обучени платени убијци кои најчесто самите стануваат потрошна стока на криминалните кланови

Апсењето на 19-годишниот македонски државјанин Андреј Танасковски во Никшиќ, повторно го отвори прашањето дали балканските криминални кланови сѐ почесто регрутираат млади луѓе од Македонија за највалканите задачи – ликвидации, поставување експлозив и вооружени пресметки.

Црногорската полиција го уапси Танасковски по меѓународна потерница под сомнение дека минатото лето во хотелскиот комплекс „Маестрал“ во Будва се обидел да го ликвидира Марко Љубиша-Кан, високопозициониран член на скаљарскиот клан. Според истрагата, тој престојувал во хотелот со фалсификувана српска лична карта, а потоа од непосредна близина испукал два куршума кон Љубиша, кој бил тешко ранет во главата, но преживеал. Истрагата покажува дека по нападот успеал да се скрие, сѐ до апсењето во Никшиќ, каде што, според црногорските власти, му помагал локален жител. Од македонската полиција за весникот ВЕЧЕР велат дека Танасковски е приведен по меѓународна потерница.

  • МВР во соработка со партнерските служби согласно со својот делокруг на надлежности ја следи безбедносната состојба и инволвираноста на наши државјани во какви било незаконски дејства во нашата земја и околните држави и согласно со своите законски овластувања презема мерки и споделува информации со цел расветлување на каков било кривично правен настан, велат од МВР.

Во последните месеци, во неколку одделни истраги во Србија, Црна Гора и Македонија се појавуваат имиња на млади македонски државјани поврзани со најопасните криминални структури во регионот. Македонската јавност неодамна беше потресена и од смртта на 21-годишниот скопјанец, кој загина при експлозија во изнајмен стан во Белград. Српските медиуми објавија дека во станот имало околу еден и пол килограм експлозив „Пентрит“, а неофицијалните информации упатуваат дека експлозивот бил подготвен за ликвидација на припадници на спротивставена криминална група. Дополнителен сомнеж предизвика фактот што во тој момент требало да биде во Скопје, каде што издржувал мерка куќен притвор.

Од Агенцијата за национална безбедност за ВЕЧЕР потврдуваат дека наши млади државјани се врбуваат од регрути и влегуваат во српски и црногорски кланови. На лесните умови им се доверуваат тешки задачи – ликвидација на лицата за отстрел.

  • Агенцијата за национална безбедност во изминатиот период има детектирано појава на регрутација на млади лица за потребите на криминални структури кои реализираат транснационални криминални активности. Дел од младите лица се вклучени во извршување на сериозни криминални активности за потребите на споменатите криминални структури како транспорт на наркотици и ликвидации на припадници на конкурентски криминални структури. АНБ презема мерки и активности за мониторирање на овие активности со цел попречување и нивно процесирање во соработка со национални државни органи, како и во соработка со сродни партнерски институции, велат од националната разузнавачка служба за весникот ВЕЧЕР.

Пред неколку месеци, и Скопје беше сцена на акција насочена кон спречување на нарачано убиство. Во координирана операција на македонската и на српската полиција беа уапсени двајца српски и еден македонски државјанин, осомничени дека подготвувале ликвидација. Кај нив беа пронајдени оружје, тактичка опрема, дрога, пари и документи со лажен идентитет. Според истражните органи, групата имала конкретна задача да изврши убиство во Скопје. Паралелно со овие случаи, српските медиуми објавија дека во последните криминални пресметки сѐ почесто се појавуваат македонски државјани, што, според нивни извори, може да укажува дека криминалните организации бараат нови извршители надвор од сопствените редови. Во анализите се наведува дека долгогодишната војна меѓу балканските кланови, која однесе десетици животи, создала потреба од нови луѓе кои немаат препознатливост кај безбедносните служби.

Поранешниот висок полициски функционер Љубомир Ѓурчевски предупредува дека регрутацијата не започнува со оружје в рака, туку многу порано.

  • Овие млади луѓе своето криминално поведение го стекнуваат уште како малолетници. Најпрво се користат за улична продажба на дрога, а потоа постепено напредуваат во криминалните групи. Регрутацијата е едноставна – гледаат како лесно се доаѓа до големи пари, создаваат чувство на моќ и авторитет во својата средина, а не сфаќаат дека крајната цел е да бидат обучени за ликвидации, ракување со експлозив, снајперско оружје и други најтешки кривични дела – вели Ѓурчевски. Според него, младите најчесто веруваат дека ќе останат недопирливи, но реалноста е сосема поинаква.
  • Не се свесни дека самите криминални босови често ги жртвуваат. За да ја проверат нивната лојалност или за да се заштитат себеси, знаат да ги пуштат низ вода и токму тие да достават информации до полицијата кој би можел да биде сторител. Во тие структури секогаш постои интерес, а не пријателство. Со самото прифаќање на регрутацијата, тие практично прифаќаат и голема веројатност дека ќе завршат в затвор – предупредува тој и вели дека криминалните организации одамна функционираат без национални граници.
  • Српските, црногорските и македонските криминални групи соработуваат меѓусебно. Македонци се испраќаат да работат во Србија, Срби во Македонија или Црна Гора, бидејќи сметаат дека така потешко ќе бидат откриени. Но, не водат сметка дека полициската соработка во регионот денес е многу поинтензивна. Затоа често слушаме за ликвидатори ангажирани од друга држава. Националноста за нив не е важна, единствено важен е профитот – нагласува поранешниот началник.

(П. А.)

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ