Македонската фолк-музика може да се гордее со познато и признато име, а тоа е името на маестро Љупчо Соколовски. Тој со децении е еден од бардовите на македонската фолк-музика и човекот што внимателно го создава концептот и на годинашниот фестивал Охридски трубадури“. На 26 август, на атрактивната сцена на „Долни Сарај“, фестивалот ќе биде отворен со нови фолк-песни, со настапи на докажани естрадни имиња, а ќе има и многу музички изненадувања.

Што е тоа, со што ова 33. издание ќе им ги разгали срцата на публиката, кои се потенцијалните хитови и воопшто, што може да се очекува од Охридски трубадури 2026“ , дознаваме од разговорот со уметничкиот директор, Љупчо Соколовски.

 0Позицијата на уметнички директор не е воопшто лесна, но е благодарна, па токму затоа кажете ни колкав е предизвикот да се одржи реномето на фестивалот како еден од клучните столбови на македонската музичка сцена? Мојата одговорност е навистина многу голема, но ми претставува и чест. Охридскиот фестивал, гледајќи го во целина, повеќе од три децении е препознатлив по тоа што создава нови песни кои остануваат да живеат и по официјалното завршување. Обврската на сите ни е да го зачуваме тој квалитет, но во исто време и да го следиме развојот на музиката со вкусовите на публиката. Верувам дека и годинава ќе се потрудам да направам програма која го почитува македонскиот фолк, а истовремено носи свежина и современ музички пристап.0Кои беа главните филтри и музички критериуми при селекцијата на годинашните композиции, што беше пресудно за да добие една песна „зелено светло“ за изведба на фестивалската сцена?  При изборот, пред сè, се водевме од квалитетот на композицијата. Добрата мелодија, квалитетниот текст, аранжманот и целокупната музичка идеја беа најважните критериуми. Исто така, водевме сметка програмата со песните да биде разновидна, со доста различни авторски пристапи и моќни интерпретации. Секој љубител на македонската фолк-музика ќе пронајде песна што ќе му остане во сеќавање.

0Фестивалите се природен извор за нови таленти, дали годинава им давате простор на тие нови изведувачи кои имаат капацитет да се етаблираат токму преку „Охридските трубадури“?  Апсолутно е така. Самиот тој Охридски фестивал отсекогаш бил место каде што новите имиња добиваат можност да се претстават пред публиката, а и во директниот ТВ-пренос. Значи, пред целата Македонија, па и пошироко. И годинава имаме неколку перспективни изведувачи кои ќе настапуваат рамо до рамо со веќе докажани музичко-естрадни имиња, со популарно наречени естрадните ѕвезди. Верувам дека токму ваквата комбинација е најдобрата формула да се создаде нова генерација на квалитетни македонски фолк-пејачи.

 0Концептуално и музички, по што ќе се издвојува оваа фолк-вечер во споредба со изминатите изданија, има ли некакво освежување во самиот формат? – Секоја година се стремиме да внесеме нешто ново, без да го урнеме препознатливиот фестивалски дух. И оваа година публиката ќе слушне разновидни композиции, современи аранжмани и квалитетни интерпретации. Верувам дека програмата е внимателно балансирана и ќе понуди вистинско музичко доживување.

 0Во ера на хиперпродукција и брзо консумирање на музиката, колку е тешко да се создаде композиција што ќе остане да живее, па со оглед на тоа, препознавате ли меѓу годинашните песни такви што претендираат да станат траен дел од македонската фолк-ризница? – Денес е многу потешко една песна да трае со години, бидејќи музиката се пласира и се консумира многу брзо. Но, добрата мелодија, искрено емотивниот текст и квалитетната интерпретација споени во едно, секогаш наоѓаат пат до публиката. Верувам дека меѓу годинашните композиции има неколку песни кои имаат потенцијал да го издржат тестот на времето. Не ви ги откривам пред време, самите ќе си ги препознаете. Сепак, последниот збор секогаш го има публиката. Таа одлучува кои песни ќе останат да живеат во трајно сеќавање, да станат евергрини.

(Д.М.)

 

ИЗДВОЕНИ