вторник, јуни 23, 2026
Дома КОЛУМНИ КОЛУМНА, ЗОРАН БОГАТИНОВ: Духот на Орбан лебди над источното крило на НАТО...

КОЛУМНА, ЗОРАН БОГАТИНОВ: Духот на Орбан лебди над источното крило на НАТО и над ЕУ

546

Оној момент кога Брисел, двојниот евроатлантски лидер на слободните милијарда луѓе во светот по изборите во Унгарија накусо здивна, на југоистокот од источното крило на НАТО му се случи нов политички `ршум. По фантастичната победа на Румен Радев, генералот образован според руски терк, и завидното мнозинство од 150-ина пратеници, следуваше дебаклот на Илие Боложан, премиерот на Романија, кому Парламентот во Букурешт му изгласа недоверба. Падна Владата во Романија, по истиот терк според кој Радев ги доби изборите во Бугарија. Го обвинија Боложан за уништување на економијата, за осиромашување на населението и за распродажба на државниот имот на домашните и на странските олигарси, исто онака како што успеа Радев, играјќи на истата карта што го дискредитираше лидерот на ГЕРБ, Борисов. Во политичкиот преседан со недовербата на романската Влада, социјалдемократите беа принудени да влезат во непринципиелен сојуз со крајната десница за да може да го урнат проевропскиот премиер. И се случи тоа. Тоа што може да се прогнозира сега е дека, можеби, нема да следуваат предвремени избори, но она што е повеќе од сигурно е дека земјата, која им е посветена на евроатлантските постулати, е пред политичка дестабилизација. Ако се додаде на ова и фактот колку им е неопходна на НАТО и на ЕУ силна предна линија на источното крило исправено пред Украина и Русија, тогаш не е голема енигма кому му одговара кревкоста на демократијата. Во Бугарија има стационирани сили на НАТО, постојат и бази, како и фабрики за производство на дефицитарна муниција за Алијансата. Во Романија имаше уште пред 15-ина години нови контингенти американски војници предводени од харизматичниот генерал Весли Кларк, така што безбедносните џебови засновани врз парламентарната соработка и вакуум ја ставаат под прашалник константата на фронталната одбрана на Северноатлантската алијанса. Дотолку повеќе што дестабилизацијата од Селина на северното романско приморје и на Царево на југот од бугарскиот дел од Црното Море е предизвик за безбедносната состојба во Молдавија, особено на регионот Транснистрија или Приднестовје, руска тампон-зона меѓу Одеса, Украина и североисточната граница на Романија. Во Приднестровје има и руски контингенти, уште една пречка на Кишињев на патот кон ЕУ и кон НАТО.

На Романија сега ѝ следуваат консултации за основање влада, кои треба да ги води со партиите од десната и од левата струја и со центарот, но и со крајната десница, проевропскиот претседател Никушор Дан. Не треба да се пренебрегне фактот дека изборите во Романија беа повторени по одлуката за наводно странско влијание врз првиот изборен круг и изборната елиминација на прорускиот Георге Симеон, предводник на политиките на Кремљ и комплетен политички анонимус, кој се цементираше во врвната политика прекуноќ, низ кулоарите на онлајн маркетингот.

Метастазата на изборните промени не влијае единствено на крајниот европски Исток, ако се сметаат Романија и Бугарија за тоа. Поединечно, бевме сведоци како долгогодишниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, мораше да замине од политичката сцена и да биде заменет со својата проекција, Синиша Каран. Тоа е обвивката што наводно е различна, но во суштина политиката што ја води соодветствува со неговиот претходник. Не е за чудење ако во сенка на потезите на Каран стои долгогодишниот лидер на ентитетот, Додик, како сива еминенција што ги спроведува политиките на Москва и на Белград. Конечно, се работи и за заштитата на православието на овие простори, спротивставување на стратегијата на светата војна на папата од 90-тите години, како што ја нарече еден дипломат во Брисел, кога и се распадна некогашна Југославија, поради мнозинскиот православен верски концепт. Референдумот за независност на Република Српска е подготвен, исто така, по 1995 година, тоа е нишалката што се користи во стратегијата на Белград за да се амортизира целосната независност на Косово и неговото правосилно припаѓање на водечките меѓународни институции. Да не се залажуваме, и самото Косово е пред избори на 7 јуни, Вјоса Османи, поранешната претседателка, го напушти таборот на Албин Курти и сега ја предводи опозицијата, која може многу веројатно да извојува победа на изборите. На ова се надоврзува и очекувањето околу пресудата на политичкиот лидер на ОВК, Хашим Тачи, која, темпирана, може да направи нова какофонија на тамошната политичка сцена. И да не се заборави, Вјоса Османи прифати да биде дел од коалицијата на Трамп за Газа, имаше директна средба со шефот на Белата Куќа, за да потоа биде еден од емисарите за обнова на разурнатиот појас. Како и Додик, релациите на Вјоса со Трамп се очигледно блиски. Целта е повеќе од јасна. Додека Курти ја спроведува европската политика на вакуум на официјалните власти со кои може да преговара Белград, кој има поддршка од Вашингтон, Москва и од Пекинг, Османи, доколку ја освои власта, ќе мора да формира влада, пред сè стабилна за да се продолжи со дијалогот со Србија. И да се остварат неколкуте клучни точки, меѓу кои и заедницата на српските општини во Косово.

И кога сме кај Косово, и во Црна Гора, земја што се подготвува за членство во Европската Унија во 2028 година, поведена е старата иницијатива за повлекување на црногорското признавање на Приштина. Тоа, по 18 години, го побара повторно Демократската народна партија, просрпска партија што има поддршка од Нова српска демократија, партијата на претседателот на црногорското Собрание, Андрија Мандиќ. Лакмус-тест за евентуалното барање за поништување на признавањето ќе биде изјаснувањето на советниците на црногорската општина Зета. Доколку биде изгласано, следна станица е законодавниот дом. Ова, можеби, и изгледа не толку значајно за состојбата во регионот, но да не заборавиме дека еден од условите за полноправно членство на кандидатите во Европската Унија е признавање на независноста на Косово. Зарем ќе се откажат Мерц и Макрон од политиката на расцепканост на Балканот, од намалувањето на популациската и долгогодишната улога на Србија во регионот, од вековниот раскол меѓу европскиот Запад и Истокот. Тоа е повеќе од силен инструмент зачинет со поделбите по кој и да основ.

Очигледно, босанскиот лонец, кој е парадигма за измешана состојба без решенија на Балканот, е без дно. Нема крај, испреплетеноста е толку силна така што гледајќи од обете страни, таа може да биде искористена позитивно или злоупотребена негативно. И ако се заврши како што почна колумнава, тогаш се навраќаме на падот на Орбан и настапот на Маѓар. Ако ја погледаме социјалната мрежа на досегашниот унгарски премиер, него мува не го лази, си ужива во селскиот комодитет на панонските салаши. Од друга страна, не треба да се заборави дека неговиот наследник досега нема поведено никаква истрага против фамозниот Виктор, дека е произлезен од неговата партија и дека веќе нема толку блиски гледишта на какви што се надеваше Брисел. Сепак, надежта на Европската Унија доаѓа од десничарската провиниенција, не може да се откаже толку брзо од политичката задоеност во која уживаше под палката на Орбан. Дури и да е така, во источниот политички крајолик на Европската Унија се појавија редица Орбани поради сивилото на демократијата во која е западноевропската администрација и разногласието во носењето противречни одлуки на елитата на ЕУ. И ако го додадеме на ова и политички сè посилниот политички блок на Клубот на европски патриоти, составен од лидерите на Италија, Чешка, Словачка, Унгарија, можеби сега и Романија и Бугарија, со Мари Ле Пен, харизматичната противтежа на Макрон, тогаш синдромот Орбан однатре ѝ се заканува на и онака нарушената кохезија на Европа. Затоа одново во Брисел се размислува за Европа во две брзини, за Унијата составена од старите и од новите членки или, пак, за воведување на квалификуваното мнозинство за да се намалат надворешните влијанија во водењето на политиката на Брисел. Но, да не го прави тоа според потребите и нечија стратегија, туку објективно и според заслугите. И реформите. Македонија е пример сам по себе за двојните аршини на европските првенци.

Зоран БОГАТИНОВ, новинар и воен репортер од боиштата на поранешна Југославија

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

ИЗДВОЕНИ