Центарот за климатски промени реализираше акција за бесплатно доделување 95 канти за примарна селекција на пластичниот отпад на домаќинствата во Општина Гази Баба, во населеното место Даме Груев – Трубарево. Ова претставува почетна фаза од поширока иницијатива, со која во наредниот период ќе се зголемува бројот на поставени канти, со цел опфаќање на што поголем број домаќинства во населеното место. Целта е воспоставување ефикасен систем на селекција на отпадот директно на местото на негово создавање, што се смета за клучен чекор во намалувањето на количините мешан комунален отпад што завршува на депониите.
Во рамките на проектот „Младите и жените – двигатели на транзицијата кон одржливо управување со отпадот во руралните средини“ (WeLEADRural), Центарот набави 60 жолти канти со капацитет од 120 литри за селекција на пластиката. Проектот се спроведува во рамките на програмата „BOOST Balkans“, со поддршка од ALDA, „ALDA Balkans“ и од „Agence Française de Développement“.
Набавените канти ѝ се донирани на Општина Гази Баба, која истовремено ги интегрира и претходно добиените канти – донација на Министерство за животна средина и просторно планирање, со што се зајакнува локалната инфраструктура за селекција на отпадот.
Собирањето на пластичниот отпад ќе се реализира во соработка со компанијата „Алпак еко“, која е задолжена за постапување со отпадот од пакување.
Од Центарот најавуваат дека во следниот период ќе бидат воспоставени слични системи за примарна селекција и во Ѓорче Петров и во Илинден.
Претходно, вакви активности се реализирани и во други општини, при што во Стајковци беа доделени 50 канти, додека и во Тетово и во Аеродром веќе функционираат системи за селекција.
Од организацијата нагласуваат дека овие активности претставуваат значаен чекор кон воспоставување модерен и одржлив систем за управување со отпадот, во насока на исполнување на Зелената агенда за Западен Балкан и поттикнување циркуларна економија на локално ниво.












