вторник, јуни 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Радев застана на чело на бугарската Влада – нов почеток или старо...

Радев застана на чело на бугарската Влада – нов почеток или старо сценарио за Македонија?!

301
epa12940874 New Bulgarian Prime Minister Rumen Radev (C) is congratulated by members of his cabinet after being approved by the National Assembly in Sofia, Bulgaria, 08 May 2026. Radev got the mandate as the country's new prime minister after his 'Progressive Bulgaria' coalition won 131 of the 240 seats in the National Assembly during the 19 April 2026 elections, becoming the largest group in parliament. EPA/STRINGER
Новата политичка поставеност во Софија повторно ја отвори старата дилема во македонската политика — дали европскиот пат на земјава може да продолжи без нови компромиси околу идентитетските прашања или барањата од Бугарија остануваат клучот за деблокада на евроинтеграциите. Различни реакции предизвика честитката од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, до новиот бугарски премиер, Румен Радев, во која порача дека преку конструктивен дијалог и почитување на националниот идентитет и европските принципи можат да се надминат отворените прашања. Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека СДСМ и Филипче се подготвени „да ги распродаваат македонскиот идентитет и националните интереси“ само за да се вратат на власт. Премиерот Христијан Мицкоски, кој го покани Радев во посета на Македонија, порача дека не очекува подобрување на односите сè додека, како што рече, има политичари кои „коленичат“ пред Софија. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, пак, повика на конструктивен и пријателски дијалог со новата бугарска влада, оценувајќи дека исходот ќе зависи од подготвеноста на двете страни

 

НОВИОТ БУГАРСКИ ПРЕМИЕР СО ПОЗНАТИ СТАВОВИ, МИЦКОСКИ ГО ПОКАНИ ВО СКОПЈЕ

 

Изборот на новата бугарска влада предводена од Румен Радев веќе предизвикува политички бранувања во Скопје, каде што власта и опозицијата испраќаат спротивставени пораки за тоа што може да донесе новата политичка реалност во Бугарија. Додека од СДСМ повикуваат на конструктивен дијалог и на почитување на македонскиот идентитет како предуслов за европски напредок, од ВМРО-ДПМНЕ предупредуваат дека секое приближување кон Софија без јасни гаранции може да значи нови отстапки на штета на националните интереси.

Во атмосфера на засилена политичка реторика, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ја поздрави новата влада во Софија со порака дека „со почитување на идентитетот и европските принципи можат да се надминат отворените прашања“, додека од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со обвинувања за „додворување кон Бугарија“ и подготвеност за нови национални отстапки. Во меѓувреме, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обидува да ја стабилизира политичката температура, повикувајќи на дијалог, добра волја и нова можност за придвижување на односите меѓу двете соседни држави.

 

Мицкоски го покани Радев во Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски го покани Радев да ја посети Македонија. Одговарајќи на новинарско прашања дали официјално ќе го покани Радев во посета на земјата на средба на премиерско ниво, одговори дека не гледа причина зошто не би го сторил тоа.

– Не гледам причина зошто да не го поканам. Ако ова е поканата вака, еве го поканувам, рече Мицкоски.

Во однос на тоа дали очекува затегнување на односите по изборот на новата Влада во Бугарија, предводена од Радев, Мицкоски истакна дека тој не рекол оти очекува влошување, туку дека не очекува подобрување.

– Сè додека има котиња од СДСМ, кои коленичат и кои ги распродаваат македонските национални интереси, не очекувам подобрување, наместо да застанат со нас и да се борат за македонските национални интереси, овие котиња одлучија за жолтици да коленичат таму. Инаку, што се однесува до господинот Радев, кога победи, јас тоа утро му честитав, му се јавив да имаме успешни добрососедски односи и се надевам дека со оваа влада ќе можеме да ги подобриме меѓусоседските односи, ќе може да разговараме за темите за кои треба да разговараме, рече премиерот Мицкоски.

 

Кој се додворува, кој блокира?

Претходно, силна реакција од владејачката партија предизвика честитката од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, до новиот бугарски премиер, Румен Радев. Во честитката на платформата „Икс“, Филипче изрази надеж дека новата влада во Софија ќе примени конструктивен пристап во односите со земјава, но и ја обвини власта во земјава дека го блокира евроинтегративниот пат.

– Се надеваме дека новата бугарска влада ќе покаже конструктивен и разумен пристап кон Северна Македонија, со цел градење добрососедски односи кои ќе бидат во интерес на граѓаните и на двете држави, без какво било загрозување на македонскиот национален идентитет, јазик и култура. Македонија е цврсто определена за европска иднина. Единствениот пат е патот на ЕУ-интеграциите. За жал, во Македонија постои криминална група, предводена од Христијан Мицкоски, која свесно го блокира европскиот пат на земјата и создава вештачки конфликти со соседите, заради заштита на својот корумпиран систем. Веруваме дека преку конструктивен дијалог, без прекршување на црвените линии, со почитување на нашиот национален идентитет и на европските принципи, можеме да ги надминеме сите отворени прашања и да го забрзаме европскиот пат на целиот регион, стои во честитката од Филипче, кој додава дека добрососедските односи се најголемиот приоритет за заеднички соживот во големoтo европско семејство.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека „СДС и Филипче ѝ се додворуваат на Бугарија и испраќаат пораки дека се спремни за ново национално предавство“, како и дека за власт би ги редефинирале македонската историја и идентитетот.

– СДС и Филипче немаат црвени линии, тие веднаш би направиле нови предавства за власт. Филипче постојано изјавува дека уште веднаш е подготвен за уставни измени, без гаранции дека за Македонија тоа би била последната пречка. Планот на Зоран Заев за уништување на Македонија за ден повеќе власт, Венко Филипче сака сега да го продолжи, со тоа што се додворува за да исполнува агенди на други земји. За СДС и за Венко Филипче, македонскиот идентитет, националните интереси и македонската државност не значат ништо, рече на прес-конференција членот на ЦК на партијата, Валентин Манасиевски.

Од ВМРО-ДОМНЕ го обвинија Филипче дека е современиот Коте од Руља, кој „го клевети и кодоши македонскиот премиер пред Румен Радев“.

– Во ситуација кога Македонија е блокирана од Бугарија со билатерални барања кои ги загрозуваат националните интереси, прво што направи Венко е да му се допадне на Радев, како нов премиер, и да застане на нивна страна, воедно да изгледа и како кодош и клеветник на македонскиот премиер Мицкоски. Радев не е нов политичар, само е нов премиер на Бугарија, но сите добро ги знаеме неговите ставови поврзани со Македонија и со македонскиот народ, јазик, идентитет, историја. Радев има кажано дека сонародниците на Гоце Делчев се Бугари, што значи дека ни тој, како премиер, нема да се откаже од бугарските барања и од вето поврзани со националниот идентитет. И во таква ситуација, Венко одма побрза да му се допадне и да застане на негова страна. Нема предавство кое СДС и Филипче не се спремни да го спроведат. Тоа што Заев го почна со распродажба на државните и на национални интереси, Филипче сака да го доврши. Филипче стана современиот кодош Коте од Руља, велат од владејачката партија во партиско соопштение.

 

Добра волја

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, пак, рече дека очекувањата треба да се упатат до новата бугарска влада и премиерот Румен Радев, посочувајќи дека бугарскиот народ очекува стабилност, реформи и борба против корупцијата и криминалот.

– Јас секогаш разговарам во духот на bona fide (добра волја), но дали ќе има подобрување на односите, ќе зависи од соговорниците, рече таа и посочи дека средбата со потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, била пријателска, инспиративна и ветувачка кога е надвор од секојдневниот политички контекст.

Претходно, македонската претседателка повика на конструктивен и пријателски однос и дијалог со новата влада на Бугарија.

Народното собрание на Бугарија вчера ја избра новата влада на чело со Румен Радев, со 124 гласа „за“, 70 „против“ и 36 „воздржани“. Новоизбраната влада е составена од премиер, четири вицепремиери и 18 министри.

Со изборот на Радев се завршува фазата на формирање влада по предвремените парламентарни избори одржани на 19 април, на кои „Прогресивна Бугарија“ постигна убедлива победа. Поранешниот бугарски претседател поднесе оставка од претседателската функција претходно оваа година за да се кандидира на парламентарните избори. Неговото враќање во извршната власт следуваше по период на политичка нестабилност обележан со чести изборни циклуси, протести поради корупција и зголемено јавно незадоволство од трошоците за живот. (В. С. Н.)

 

 

ИЗДВОЕНИ