Сите патишта водат кон Скопје, рече претседателот на Сојуз на синдикати на Македонија, Слободан Трендафило и ги повика работниците од целата држава да се приклучат на протест во Скопје за повисоки плати и подобар работнички стандард. Големиот работнички протест, како што рече почнува во 12:05 минути пред зградата на ССМ, а барањата остануваат исти – минимална плата од 600 евра и зголемување на сите работнички плати за 6.000 денари.
-Работниците немаат потреба да се плашат затоа што не му должат на никого ништо. Газдите и Владата пред само еден ден покажаа дека се против работниците затоа што странските газди и дале поддршка на Владата за незголемување на минималната плата, а македонската Влада на штета на македонските работници им ветила на странските газди дека нема да ја зголемува минималната плата надвор од законското усогласување за 1.667 денари. Вредноста на синдикалната минимална кошница во овие 24 месеци е зголемена за повеќе од 10 илјади. Барањето за зголемување на минималната плата за 200 евра е оправдано затоа што работниците во Македонија тонат во сиромаштија. Според податоците на Управата за јавни приходи 160 илјади работници имаат плата под 31.200 денари или под прагот на сиромаштија, изјави Трендафилов.
Синдикалните барања за повисоки примања се оправдани и издржани, во услови кога една третина од работниците живее со плата што не го покрива ни основниот праг на сиромаштија.
– Живееме како сиромашни работници со богати газди и со уште побогати политичари. Ве повикуваме да ги поддржите вашите семејства, вашите деца, вашпите внуци, да излезете на улица и да им покажете дека сакате вашата плата да се зголеми. 24 месеци се обидуваат да зборуваат за политика не за плата, 24 месеци им зборуваме за плата, а не за полтика. Работниците не живеат од политика, туку од плата. Тие што живеат од полтика да не доаѓаат тие што живеат од плата да дојдат и заедно ќе им покажеме дека можеме да се избориме за повисоки плати. Ако 160 илјади работници излезат на улица минималната плата ќе биде многу повеќе од 600 евра затоа што оваа Влада се плаши од луѓето кои ќе излезат на улица и кои ќе покажат дека се незадоволни од лошите владини политики и политиките кои ги водат газдите. Тоа што го договориме минатата година не го испочитуваа, пропадна обидот платите да се зголемат за 6.000 денари и за 3.000 денари да ги покријат придонесите за социјално и пензиско осигурување. Владата го одби единственото можно решение за унапредување на работничкиот стандард, посочи првиот синдикалец.
Тој додаде дека газдите ги подржале мизерните плати, но го побарале делот од колачот кој им следува како финансиска поддршка која ја плаќа Владата секој месец, секоја година од нашите пари. Најголем дел од пратениците не гласаа за зголемување на минималецот и на останатите плати и спречија раст на нивните плати за 10 илјади денари само да не ги зголемат платите на работниците.
-Немаме повеќе време за чекање, да се зголемат платите и работниците да почнат да живеат достоинствено. Колку работниците ќе видат на улица на толку ќе им ги зголемат платите. Ако излезат 20 илјади работите ќе почнат да се менуваат, ако излезат повеќе работите уште повеќе ќе се променат, посочи Трендафилов.
Според него има повеќе аргументи кои се во насока на зголемување на работничките плати, а најсилниот е растот на цените во маркетите. Цените во маркетите за неколку дена се качија, а Владата не презема ништо да го заштити стандардот. Не сака да им помогне на работниците. Пресметаа дека и покачување од 13 проценти е многу иако цените отидоа за 20 отсто нагоре.
(А.С.)












