Ревизорите утврдиле сериозни слабости во финансиското управување на јавното претпријатие, вклучително и стотици милиони денари побарувања без јасна наплата, блокирана сметка и долгови што се плаќаат со години задоцнување. Дел од клучната инфраструктура на колекторскиот систем, изградена пред повеќе од три децении, сè уште не е запишана во катастар. Откриени се и исплати за адвокатски услуги без документација, неправилности во пресметката на платите и отсуство на внатрешна ревизија. Ревизијата предупредува дека ваквата состојба носи финансиски ризици за претпријатието, но и за системот што треба да го штити Охридското Езеро

 

Државниот завод за ревизија даде неповолно мислење за финансиските извештаи и за законитоста на работењето на Јавното претпријатие „Колекторски систем – Скопје“ за 2024 година, откривајќи сериозни проблеми во финансиското управување, контролите и функционирањето на системот кој треба да го штити Охридското Езеро од загадување.

Според ревизорскиот извештај, претпријатието нема целосен увид во побарувањата од поврзани јавни комунални претпријатија, кои достигнуваат 364 милиони денари, а за нив не е направена ниту процена на наплатливост. Ревизијата предупредува дека дел од овие побарувања се стари и дека постои реален ризик да не бидат наплатени.

Дополнително, претпријатието има блокирана сметка уште од 2020 година, работи со минимални средства и се соочува со сериозни проблеми со ликвидноста. Периодот за плаќање на обврските кон добавувачите достигнал над три години, што, според ревизорите, може да го доведе во прашање редовното функционирање на системот.

Ревизијата утврдила дека дел од клучната инфраструктура – колекторската мрежа, пумпните станици и пречистителната станица изградени во 1980-тите – сè уште не се запишани во катастар, иако нивната вредност е речиси 130 милиони денари.

Освен за мало земјиште кај пумпна станица, претпријатието не поседува имотни листови за најголемиот дел од инфраструктурата што ја користи. Ова, според ревизорите, отвора прашања за точноста на евиденцијата на имотот и правната сигурност на сопственоста.

Меѓу најкритичните наоди е и договорот за адвокатски услуги склучен во 2020 година на 10 години, со месечен паушал. Само во 2024 година за оваа намена се исплатени 519 илјади денари, а вкупно од 2020 до 2023 година над 2,1 милион денари.

Ревизорите утврдиле дека исплатите се правеле без спецификации и документација за извршените услуги. Дополнително, договорот содржи и клаузула според која, доколку претпријатието го раскине договорот, мора да плати еднократен надомест од 1,44 милиони денари плус ДДВ, како и паушал за целиот отказен рок од 90 дена.

Ревизијата открила и неправилности во пресметката на платите. Надоместокот за работен стаж бил пресметуван на сите елементи од платата, што не е во согласност со колективните договори и законската регулатива. Покрај тоа, за исплатени додатоци на плата од над 5,2 милиони денари не постоела доволна документација за критериумите и одлуките врз основа на кои се доделувале.

Јавното претпријатие нема ниту единица за внатрешна ревизија, иако тоа е законска обврска. Ревизорите утврдиле и дека не постојат јасни процедури за финансиско работење, контролата на фактурите и одобрувањето на плаќањата. Во дел од случаите, фактурите биле исплатувани без претходна контрола и без назначени одговорни лица за финансиски обврски.

Посебно загрижувачки е и техничкиот аспект на функционирањето на колекторскиот систем. Анализата покажува дека од вкупно 11,3 милиони кубни метри пречистена вода во 2024 година, фактурирано е количество што одговара на само 33 проценти. Според ревизијата, ова значи дека претпријатието троши значителни средства за третман на отпадни води без соодветни приходи, што дополнително го зголемува ризикот од финансиски загуби.

Претпријатието, во моментов, е тужено во пет судски постапки во вредност од околу 153 милиони денари, додека истовремено води и 22 постапки против должници. Дополнително, од основањето во 2019 година па сè до 2025 година, функцијата директор се извршувала со вршители на должност, без редовна постапка за избор преку јавен конкурс.

Ревизијата предупредува дека ако финансиската состојба продолжи да се влошува, може да биде потребна директна финансиска поддршка од државата, што би значело дополнително оптоварување на буџетот.

Истовремено, колекторскиот систем е клучната инфраструктура за заштита на Охридското Езеро од урбано загадување, па ревизорите препорачуваат итни мерки за санација на мрежата, подобрување на мониторингот и воспоставување стабилен систем за управување и финансирање.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ