Периодов релевантни институции за филм во земјите од регионот ги избраа националните кандидати кои се во трка за номинација за престижната златна статуетка во категоријата интернационален филм. Како што е познато, „Оскарот“ на Американската академија за филмска уметност и науки е една од најважните и најпрестижните награди во светот, додека самата церемонија на доделување е една од најгледаните телевизиски програми. Номинациите за Оскарите ќе бидат објавени на 22 јануари 2026 година
Свечената церемонија на 98. доделување на наградите Оскар на Американската академија за филмски уметности и науки ќе се одржи на 16 март 2026 година, во „Долби театарот“ во Лос Анџелес, а периодов релевантните институции за филм во земјите од регионот ги избраа националните кандидати кои се во трка за номинација за престижната златна статуетка во категоријата интернационален филм.
Како што е познато, документарецот „Приказната за Силјан“ во режија на Тамара Котевска е годинашен македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм, но остварувањето на македонската режисерка трча и за номинација во категоријата на документарци. Филмот, инспириран од познатата македонска бајка „Силјан штркот“, ја следи судбината на Никола, земјоделец кој по тешка криза останува сам, и на депонија пронаоѓа бел штрк со повредено крило.

Одлуката „Силјан“ да биде македонски кандидат едногласно ја донесе деветчлена комисија при Друштвото на филмските работници на Македонија која избираше и меѓу филмовите „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски и „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар.
– Одлуката на нашата комисија е прифатена и одобрена од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука. При својот избор, комисијата, која имаше навистина тешка задача, беше водена од синеастичката вредност на филмските дела, „силината“ на приказната што ја обработува секој од филмовите, нивната наративна, драматуршка и пикторална компонента, како и од критичкиот осврт кон актуелната општествена и политичка стварност – соопштиja тогаш од ДФРМ.
„Силјан“ кој ја имаше својата светска премиера на 82. Венециски филмски фестивал, во програмата „Out of competition“, ја освои наградата за најинспиративен филм или т. н. награда на музата (Cinema and Arts Award) на престижна меѓународна платформа што ги оценува филмовите што беа прикажани во официјалните програми на Венеција. Филмот е откупен и од страна на еден од најреномираните светски дистрибутери на документарни остварувања – „Нешнал џеографик документари филмс“, а доби и бројни позитивни реакции од светската филмска критика.
Србија го кандидираше дипломскиот филм „Сонце никогаш повеќе“

Србија, пак за свој кандидат за Оскар го избра филмот „Сонце никогаш повеќе“ (Sunce nikad vise) во режија на Давид Јовановиќ, во продукција на „Поинтлес Филмс“ и Факултетот за драмски уметности. Филмот е дипломска работа на Јовановиќ.
-Филмот на Јовановиќ се издвои како авторско дело со современа и универзална тема, додека поетскиот натурализам придонесе за неговата кохерентност и комуникација со пошироката, глобална публика. Две работи преовладуваа најмногу во корист на филмот „Сонцето никогаш повеќе“: универзалноста на темата за страдањето на луѓето и природата поради алчноста и моќта на мултинационалните компании кои се занимаваат со рударство на целата планета и кохерентноста на трагичната приказна во стилизиран начин на поетски натурализам, се наведува во образложението на комисијата која одлучувала во изборот на српскиот кандидат.
Улогите во филмот ги играат Душан Јовиќ, Растко Рациќ, Наташа Марковиќ, Радован Миљаниќ, Јоаким Тасиќ и Светозар Цветковиќ.
И Хрватска со документарец како и Македонија

За хрватски кандидат за наградата Оскар е избран филмот „Fiume o morte!“ на Игор Безиновиќ.
Документарецот „Fiume o morte!“, на продуцентската куќа „Рестарт“, на иновативен начин раскажува за непозната историска епизода од пред сто години, кога италијанскиот поет и заговорник на војната Габриеле Данунцио ја окупирал Риека. За да пронајде одговори, авторот ангажирал голем број граѓани на Риека кои ја раскажуваат, реконструираат и реинтерпретираат бизарната приказна за 16-месечната окупација на нивниот град.
Заблагодарувајќи му се на Хрватското друштво на филмски работници за кандидатурата, за која се надева дека ќе ги доведе до номинација, продуцентот Тибор Кесер истакна дека е голема награда за нив што ова е прв пат за хрватски кандидат да биде избран документарен филм.
Со повеќе од 34.100 гледачи во хрватските кина, филмот бил најгледан оваа година, за што, како што изјавува продуцентката Вања Јамбровиќ се исклучително задоволни бидејќи, „ретки се филмови кои подеднакво се успешни на големите меѓународни филмски фестивали и на локалниот кинопазар, каде што се покажа дека има голем интерес за филмот“.
-Неговата голема вредност е што, иако се занимава со мал локален историски инцидент, тој кажува многу за денешниот свет и другите земји, а не само за тоа што се случило во Риека, додава Јамбровиќ.
Црна Гора со „Образ“ во кој игра и Никола Ристановски

Долгометражниот игран филм „Образ“, според сценарио на Ана Вујадиновиќ Томиќ и Мелина Пота Кољевиќ, во режија на Никола Вукчевиќ, на продуцентска куќа „Галилео продакшн“ од Подгорица, пак, е црногорски кандидат за 98. Оскар на Академијата за филмски уметности и науки.
Во филмот приказната се врти околу прогонувано дете кое ќе најде засолниште во куќата на непријателот. Домаќинот, пак, се соочува со ужасен избор: да го спаси животот на детето или да ризикува да го изгуби сопственото семејство…
Во филмот улогите ги толкуваат Едон Ризваноли, Албан Укај, Елез Аџовиќ, Александар Радуловиќ, но и нашиот Никола Ристановски.
Одлуката „Образ“ да биде избран за црногорски кандидат, со мнозинство гласови, ја донесе Комисијата за избор на Министерството за култура и медиуми на Црна Гора, составена од: Стеван Копривица, драматург, драматург и сценарист – претседател и членовите: Маја Тодоровиќ, драматург и сценарист, Един Јашаровиќ, продуцент, Милош Пејовиќ, актер, Сенад Шахмановиќ, филмски и телевизиски режисер, Александар Вујовиќ, филмски режисер и Ѓорѓе Војводиќ, филмски и телевизиски режисер.
Бугарскиот кандидат е драма со натприродни елементи

Бугарија, пак, во трката за номинација за Оскар е преставена со филмот „Тарика“ во режија на Милко Лазаров. „Тарика“ е меѓународниот наслов на филмот, а оригинален бугарски наслов е, „Стадото“, а ова е визуелно прекрасна приказна, драма со натприродни елементи.
Во филмот се прикажува љубовта на таткото кон неговата надарена ќерка која го става во конфликт со луѓето од локалното место кои имаат предрасуди. Филмот, во кој глумат Весела Валчева и Захари Бахаров ги истражува темите за толеранција и добро наспроти зло преку приказната за Тарика (Валчева), девојка со медицинска состојба што може да ѝ даде натприродни способности. Таа била прифатена од селото во кое живеат таа и нејзиниот татко (Бахаров) сè додека добитокот не почнал мистериозно да умира, а селаните за тоа почнуваат да ја обвинуваат.
„Тарика“, кој режисерот Лазаров го напишал заедно со Екатерина Чурилова и Симеон Венциславов, е неговиот трет долгометражен филм. Во неговата екипа е вклучен актерот Иван Барнев, кој беше дел од пет претходни бугарски номинации за Оскар, вклучувајќи го и минатогодишниот „Триумф“ во кој глуми Марија Бакалова.
Втор филм на Јасмила Жбаниќ како национален кандидат на БиХ

„Блум – Господари на својата иднина“ (Blum – Gospodari svoje buducnosti) во режија на Јасмила Жбаниќ, пак, е кандидатот на Босна и Херцеговина за Оскар во категоријата најдобар интернационален филм.
По Втората светска војна во опустошената, рурална Босна и Херцеговина, претприемачот Емерик Блум создаде голема и успешна компанија „Енергоинвест“, која работеше низ целиот свет со милијарди долари профит. Користејќи ја специфичната позиција на Југославија, која нема да ги прикаже источните или западните политички блокови, компанијата, решена на социјализација и капитализам, гравитира кон уникатен бизнис модел базиран на учество на луѓето.
Од мало студио, Емерик Блум ја претвори компанијата во бизнис гигант, кој работи според модел на самоуправување во кој вработените одлучуваат за сите прашања што се однесуваат на нивната компанија. Овој филм, документарец ни го прикажува успешното деби на тој најдемократски модел, кој е непознат за пошироката јавност.
Сценарио е на режисерката Јасмила Жбаниќ и на Зоран Соломун. Сценографија и костимографија се на Ирма Саје, директор на фотографија е Елдар Емриќ, а монтажер од Владимир Гојун. Филмот е продуциран од сараевската продуцентска куќа „Деблокада“, а продуцент на филмот е на Дамир Ибрахимовиќ. Ова е втора кандидатура за режисерката, која со филмот „Quo Vadis, Aida?“ во 2020 година, беше номинирана за престижната награда.
Како што е познато, „Оскарот“ на Американската академија за филмска уметност и науки е една од најважните и најпрестижните награди во светот, додека самата церемонија на доделување е една од најгледаните телевизиски програми.
Номинациите за Оскарите ќе бидат објавени на 22 јануари 2026 година. (Н.И.Т.)












