Иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан, изјави денеска дека договорот меѓу Иран и Оман за Ормускиот Проток ќе биде финализиран во понеделник, на 14 септември.
Пезешкијан рече, во интервју за „Индија тудеј“ на маргините на самитот на БРИКС во Њу Делхи, дека Иран има сè подобри односи со Индија, наведувајќи дека БРИКС е организација која се спротивставува на американскиот унилатерализам и едностраните санкции.
Иранскиот претседател повика на независна соработка меѓу земјите членки на БРИКС во областа на трговијата, инвестициите и регионалната безбедност.
Тој повтори дека Иран не започнал војна и дека само се бранел од американската и израелската агресија.
Пезешкијан, исто така, повторно ги отфрли тврдењата на американските официјални лица дека Иран развива нуклеарно оружје, наведувајќи дека Техеран се придржува до Договорот за непреносување на нуклеарно оружје и дека е подготвен за дијалог во рамките на меѓународното право.
Иран не бара војна, но нема да се предаде под притисок на санкциите – порача Пезешкијан.












