Здружениетo на граѓани за помош и поддршка на лицата со Даунов синдром „Трисомија 21“ првпат учествуваше на интернационален фолклорен фестивал, кој се одржа на 15 и 16 јуни годинава, во Лидо ди Јесоло, Италија.
– Нашата група беше единствениот инклузивен ансамбл на фестивалот, испраќајќи силна порака дека фолклорот е мост што ги обединува луѓето, без разлика на нивните различности. Со изведбата на македонски народни ора, учесниците ги претставија богатата македонска традиција, културата и обичаите, освојувајќи ги вниманието и аплаузите од бројната публика и од другите учесници – наведе Јамболка Димитрова, претседателка на Здружението.
Освен од земјава, на фестивалот учествувале и ансамбли од Естонија, Мексико, Грузија, Србија, Чешка и од Украина

Здружениетo на граѓани за помош и поддршка на лицата со Даунов синдром „Трисомија 21“ првпат учествуваше на интернационален фолклорен фестивал, кој се одржа на 15 и 16 јуни годинава, во Лидо ди Јесоло, Италија.
Претседателката на ова Здружение, Јамболка Димитрова, за весникот ВЕЧЕР ги пренесе импресиите и доживувањата на малата, но впечатлива петчлена група од овој фестивал.
– Нашата група беше единствениот инклузивен ансамбл на фестивалот, испраќајќи силна порака дека фолклорот е мост што ги обединува луѓето, без разлика на нивните различности. Со изведбата на македонски народни ора, учесниците ги претставија богатата македонска традиција, културата и обичаите, освојувајќи ги вниманието и аплаузите од бројната публика и од другите учесници – наведе таа.
Истакна дела членовите на ова Здружение нема да ги заборават убавото дружење и убавата забава меѓу учесниците.
– Она што им претставуваше задоволство беше тоа што со развиорено знаме на Македонија гордо чекореа по улиците, во текот на дефилето, првиот ден пред почетокот на фестивалот. Најмногу се радуваа за аплаузите од публиката по настапите – истакна Димитрова.
На овој фестивал, членовите на „Трисомија 21“ биле заедно со фолклорниот ансамбл „Седенка“.

– Отидовме заедно, но се претставивме како посебен фолклорен ансамбл – нагласи Димитрова.
Тие имале два настапи, на кои извеле по две-три точки.
Освен настапите, убавата дружба и забавата на крајот од фестивалот, била организирана и заедничка прошетка до Венеција.
– Членовите на „Трисомија 21“ беа презадоволни од своите настапи, од тоа што беа убаво прифатени. Сепак, тоа се млади луѓе на возраст од 25, 26, 28 години, кои сакаат да почувствуваат возбуда, но и беа горди што успеаја достоинствено да ја претстават својата земја бидејќи се вистински патриоти – нагласи Димитрова.
Освен од земјава, на фестивалот учествувале ансамбли од Естонија, Мексико, Грузија, Србија, Чешка и од Украина.
– Настанот беше можност за запознавање различни култури, создавање нови пријателства и промовирање на вредностите на меѓусебното почитување, еднаквоста и инклузијата – потенцираше претседателката на „Трисомија 21“.
Членовите на Здружението „Трисомија 21“ додаваат дека ова учество претставува нивно прво меѓународно искуство и доказ дека лицата со Даунов синдром, кога имаат можност, со многу работа и со одличен ментор по фолклор, може рамноправно да учествуваат во културниот и во општествениот живот и со гордост да ја претставуваат својата земја.
Од Здружението сметаат дека со ова претставување испратиле порака дека инклузијата не познава граници и дека заедништвото, традицијата и уметноста се најсилните амбасадори на Македонија.
Учеството на овој интернационален фолклорен фестивал во Италија на членовите на „Трисомија“ им го овозможил фолклорниот ансамбл „Седенка“, со кој тие соработуваат веќе неколку години и работат на фолклорот, односно изучуваат македонски народни песни и ора, со менторот Роберт Ангеловски.
Димитрова појасни дека фолклорниот ансамбл „Седенка“ имал покана за овој интернационален фолклорен фестивал во Италија, па благодарение на соработката, се договориле со нив да учествува и „Трисомија 21“, како посебно здружение.
Тие претходно имале четири настапи во Скопје, и тоа во Домот на културата „Билјана Беличанец“ и во Домот на културата „11 Октомври“ во Ченто.
– Трите концерти беа „македонска свадба“, додека едниот – изведба на традиционални македонски ора – објасни Димитрова.
Од Здружението се надеваат дека ќе продолжи оваа соработка, со оглед на тоа што изминатите години имале финансиска поддршка од Општина Кисела Вода и дека ќе ја имаат и понатаму.
(А. П.)












