недела, ноември 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Гевгелија на точак 2026: Традиција што ги обединува сите генерации

Гевгелија на точак 2026: Традиција што ги обединува сите генерации

0

Гевгелија и годинава  пулсираше во знакот на велосипедизмот, спортот и здравите животни навики. Велосипедите повторно станаа симбол на спортскиот дух, здравите животни навики и заедништвото во Гевгелија. Манифестацијата „Гевгелија на точак“, која традиционално се организира во рамките на одбележувањето на општинскиот празник 7 Ноември – Денот на ослободувањето на Гевгелија, прерасна во еден од препознатливите спортско-рекреативни настани во градот.

Шеста година по ред, здружението на граѓани ChangeMakers4All – Промени сѐ, во коорганизација со Точак Клуб Гевгелија, и поддржано од Општина Гевгелија, го организираа традиционално, празничното и презабавно велосипедско возење низ градските улици. Над 500-те учесници од сите возрасти уште еднаш  покажаа дека велосипедизмот не е само спорт и рекреација, туку е и дел од идентитетот на Гевгелија, традиција и визија за иднината.

Посебна симболика на оваа манифестација  му дава местото од кое ќе започне велосипедското дефиле – просторот пред стариот Градски извршен совет. Токму од ова место, во 70-тите години од минатиот век, традиционално стартувале градските велосипедски трки, кога велосипедизмот бил еден од препознатливите спортски белези на Гевгелија. Со враќањето на оваа симболична почетна точка, организаторите прават своевидна врска меѓу велосипедската историја на градот и новите генерации кои денес ја продолжуваат традицијата на две тркала.

„Денес, Гевгелија дише поинаку!  Заедно со младите, пред се,  создадовме вистинско граѓанско движење, ги наполнивме училишните дворови со велосипеди и докажавме дека точакот е најдобриот избор за нашиот град !

Горди сме на секој еден од оние што денеска  избраа да бидат дел од оваа убава промена. Возиме сите, без исклучок – од најмалите шампиони во колички на три, четири тркала, преку тинејџерите и родителите, па сè до нашите супер-баби и дедовци !

Гевгелија на точак  2026 е ден на насмевки и позитивна енергија,“ ни изјави за „Вечер“ Марина Томова, од здружението „Промени се“.

Оваа манифестација ги обединува љубителите на велосипедизмот од сите генерации, од најмладите до повозрасните сограѓани, испраќајќи порака дека спортот, рекреацијата и грижата за животната средина се вредности што треба секојдневно да се негуваат.

Покрај спортскиот карактер, „Гевгелија на точак“ има и поширока општествена и еколошка димензија. Преку промоцијата на велосипедот како алтернативно превозно средство се поттикнуваат почиста животна средина, помало користење на автомобилите и создавање поздрави навики кај граѓаните.

„Гевгелија на точак“ одамна не е само велосипедско дефиле. Таа е потсетување дека градот може да живее со повеќе спорт, повеќе дружење и повеќе грижа за заедничкиот простор, а традицијата на велосипедизмот да продолжи да се пренесува и на новите генерации.

 Љупчо Алексовски

 

 

ИЗДВОЕНИ