Според  Димитрија Доксевски, директор на фестивалот, годинашново 47. издание, според бројките и статистиката, е најамбициозно досега. На вчерашната прес-конференција, тој рече дека годинава има рекорден број пријавени филмови – повеќе од 600, што е првпат во историјата на фестивалот, како и работилници со студенти од земјава и од странство со еминентен директор на фотографија од Белгија, но и со Марија Џиџева и Фејми Даут. Оскаровецот Воли Фистер, кој беше лауреат минатата година, годинава се враќа повторно во Битола и ќе биде член на жирито 

 

– Од 19 до 25 септември, Битола ќе биде домаќин на светската филмска елита предводена од еден од најголемите визуелни магнати на денешницата. Двапати номиниран за „Оскар“, но дефинитивно број еден во срцата на љубителите на вистинскиот филмски спектакл, визуелниот гениј на Холивуд, Дан Лаустсен, е лауреат на „Златна камера 300“ на годинашното издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ – посочи на вчерашната прес-конференција Димитрија Доксевски, директор на фестивалот.

Тој истакна дека 47. издание, според бројките и статистиката, е најамбициозно досега.

Инаку, Лаустсен е дански директор на фотографија чија четиридецениска кариера остави длабок белег во современата светска кинематографија. Неговата способност да ги трансформира наративите во уникатни визуелни искуства го позиционира меѓу највлијателните кинематографи на денешницата, а македонската публика и филмските професионалци ќе имаат ретка и ексклузивна можност да сe сретнат очи в очи со него.

– Како активен член на Американската асоцијација на кинематографи (ASC) и на Данската асоцијација на кинематографи (DFF), тој е препознатлив по својот специфичен визуелен јазик, кој успешно ги спојува европската уметничка сензибилност и холивудската техничка прецизност – информираше Доксевски.

Роден на 15 јуни 1954 во Олборг, Данска, Лаустсен го започнал својот формален уметнички пат студирајќи модна фотографија. Набрзо го пренасочил својот интерес кон подвижните слики и дипломирал на Националната филмска школа во Данска, во 1979 година. Неговите рани ангажмани во скандинавската кинематографија му донеле критичко признание и ја поставиле основата за неговиот препознатлив стил: фокус на длабоката атмосфера, високиот контраст и стратешката употреба на светлината. Глобалниот успех на Лаустсен во голема мера е резултат на неговото долгогодишно партнерство со истакнати холивудски автори, како Гиљермо дел Торо и Чад Стахелски. Соработката со Дел Торо резултираше со некои од визуелно највпечатливите филмови на 21 век: „Обликот на водата“ (The Shape of Water, 2017), „Алејата на кошмарите“ (Nightmare Alley, 2021) и „Франкенштајн“ (2025). Во творештвото на Стахелски, пак, Лаустсен е визуелниот архитект на култната акциона франшиза „Џон Вик“ (John Wick), поточно на второто, третото и на четвртото продолжение, каде што ги редефинираше стандардите за снимање комплексна акција и неонска естетика. Тој е номиниран за „Оскар“ за филмовите „Обликот на водата“ и „Алејата на кошмарите“.

Во однос на програмата, пак, Доксевски рече дека годинава има рекорден број пријавени филмови – повеќе од 600, што е првпат во историјата на фестивалот, како и работилници со студенти од земјава и од странство со еминентен директор на фотографија од Белгија, но и со Марија Џиџева и Фејми Даут.

Оскаровецот Воли Фистер, кој беше лауреат минатата година, годинава се враќа повторно во Битола и ќе биде член на жирито.

Марија Димитрова, претседателка на Друштвото на филмски работници, кажа дека ИФФК „Браќа Манаки“ е мошне значаен за филмаџиите, затоа што им дава можност да се сретнат, да комуницираат и да се запознаат со најголемите директори на камера на денешницата, како Дариус Конџи, Роџер Дикенс и многу други врвни кинематографери.

– Фестивалот на филмаџиите, исто така, ни дава можност да ги претставиме нашите филмови пред светот, но и пред домашната јавност и сигурна сум дека и годинава ќе имаме значајни македонски филмови што ќе бидат дел од селекцијата – истакна Димитрова.

Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Потер Мицевски истакна дека со големо задоволство ја продолжуваат соработката со ИФФК „Браќа Манаки“.

– Годинава, фестивалот доби зголемена поддршка од Агенцијата за филм во износ од 12 милиони денари, за разлика од минатата година, кога изнесуваше 9 милиони денари. Секако, голем успех е што фестивалот доби награда од Британската асоцијација на кинематографери во Англија, каде што членуваат голем број од светските кинематографери, кои доаѓаат и го следат нашиот фестивал – рече Мицевски.

ИЗДВОЕНИ