Коцевски: Истрагата за пожарот во Кочани мора да заврши до 16 -17 јуни

158

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска изјави дека истрагата за трагичниот пожар во Кочани, во кој загинаа 62 лица, ќе заврши во законски предвидениот рок од 90 дена, односно до 16 или 17 јуни.

Коцевски вели дека на овој сложен и тежок случај деноноќно работат 13 јавни обвинители и очекува дека со ваквиот интензитет на преземање дејствија, истрагата да биде завршена навремено.

Коцевски, во телевизиско интервју рече дека во моментов истрагата се води за кривично дело тешки дела против општата сигурност.

Тој рече дека Обвинителството започнало со истражни дејствија од денот на настанот, одејќи наназад до 2012 година, кога т.н. кабаре почнало да функционира и кога, според досегашните сознанија, се сторени пропусти.

На крајот на истрагата, како што рече Коцевски, ќе се донесе обвинение во кое детално ќе биде образложено секое дејствие на потенцијалните обвинети и ќе се утврди за кое точно дело евентуално може да се работи.

Коцевски посочи дека истрагата опфаќа повеќе институции, меѓу кои Дирекцијата за заштита и спасување, Општина Кочани, Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија, како издавач на лиценците.

– Секој имал одредени надлежности и тимот на јавни обвинители цени дека причинско-последичната врска е смрт на лицата кои биле во дискотеката. Пропусти што довеле до ова имало секоја година, што значи дека тие имаат еден каузалитет. Секоја година се пропуштале да се преземат одредени дејствија – додаде Коцевски.

Тој не ја исклучува можноста за проширување на истрагата со нови лица кои евентуално би можеле да бидат осомничени и обвинети и тоа може да се очекува до последниот ден на истрагата.

Во врска со вчерашната средба со родителите на настраданите, Коцевски рече дека на нивните прашања било одговорено во согласност со законските прописи и дека им било соопштено сето она што можело да им биде кажано во оваа фаза на истрагата.

Во однос на обвинувањата за политичко водење на истрагата и за притворот на Крешник Бектеши, Коцевски рече дека обвинителскиот тим не држи никого во притвор без причина, вклучително и ексминистерот Бектеши.

Тој објасни дека притворот се определува врз основа на ризикот од влијание врз сведоци, повторување на делото или бегство.

– Во конкретниот случај министерот, и не само тој, и дел од останатите осомничени се наоѓаат во притвор, но тоа не значи дека мора да останат во притвор. Се до моментот кога јавните обвинители ќе оценат дека има услови за определување притвор тие може да поднесат предлог и судот одлучува по тоа дали ќе определи или не, односно дали ќе го продолжи притворот или не – кажа Коцевски.

На прашањето како гледа на тоа што ниту еден од актуелните министри во Владата не се обиде ниту да поднесе морална оставка, Коцевски одговори дека тоа е нивна лична одлука и не може да ја коментира.

Во врска со случаите „Беса транс“ и модуларната болница во Тетово, Коцевски информираше дека обвинителството и судот постапуваат по овие предмети и дека тие се наоѓаат во второстепена постапка.

Инаку вчера, Апелацискиот суд во Штип одлучи дека поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши останува во притвор, а ексградоначалниците на Кочани, Николчо Илијев и Ратко Димитровски, во куќен притвор.

Апелацискиот суд од осум разгледани жалби, како што се наведоа, седум од нив ги одбил како неосновани и ги потврдил одлуките на кочанскиот основен суд.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи рано изутрина на 16 март, животот го загубија 62 лица, а со повреди се здобија околу двесте.

За трагедијата, која ја потресе целата држава истрага се води против 68 физички и три правни лица, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски минатата недела.

ИЗДВОЕНИ