Германија е потресена од нов скандал поврзан со азилантската политика, откако беше обелоденето дека меѓу мигрантите вклучени во програмата за обезбедување право на престој во земјата има и лица против кои се водат кривични истраги, вклучително и постапки за тешки кривични дела.
Проблемот особено се отвори во Келн, во сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија.
Според податоците што градската управа на Келн ги потврди за Focus Online, од 153 мигранти кои моментално се наоѓаат во градската програма за стекнување право на престој, против 76 лица се водат кривични истраги во речиси 100 одделни постапки.
Станува збор за лица кои имаат обврска да ја напуштат Германија, а повеќето од нив потекнуваат од земјите од Западен Балкан.
Меѓу кривичните дела што се појавуваат во истрагите се наведуваат силување, сексуална злоупотреба на деца, ширење детска порнографија, вооружени грабежи, нанесување тешки телесни повреди, трговија со кокаин и перење пари.
Посебно внимание привлече случајот со 16-годишник кој, според достапните податоци, додека се наоѓал во градската програма за заштита од депортација, бил предмет на истрага поради сомнение за тешко силување и нанесување тешки повреди.
Против него, како што се наведува, се водела истрага и за возење без дозвола, како и за учество во вооружен судир меѓу кланови во кој четири лица биле повредени со огнено оружје и ножеви.
Во центарот на аферата се наоѓа таканаречената „Листа од Кесфелд“ од есента 2024 година.
Централната канцеларија за странци во Кесфелд тогаш му понудила помош на Келн за итно обезбедување заменски патни исправи за 471 одбиен барател на азил од Западен Балкан, за да се овозможи нивна депортација.
Меѓутоа, надлежниот градски оддел за право на престој ја одбил таа понуда.
Образложението било дека лицата со статус на долгорочен толериран престој (Duldung) треба да се обидат да се интегрираат во општеството со помош на социјални педагози.
Од 218-те лица од тој список кои тогаш биле вклучени во проектот, за 119 од нив дополнително било утврдено дека веќе имале полициско досие. Од градската управа на Келн истакнуваат дека самиот факт што против некое лице се води полициска или обвинителска истрага не значи дека тоа е виновно.
Според правилата што важеле од 2021 година, пречка за вклучување во програмата била правосилна затворска казна од најмалку шест месеци. Сепак, случајот го отвори прашањето колку детално биле проверувани досиејата на лицата пред да им се даде можност преку програмата да се обидат да го регулираат својот престој во Германија.
Слични неправилности, според достапните информации, се забележани и во други делови на Северна Рајна-Вестфалија, вклучително и во Ахен.
Кога ќе се соберат податоците од регионалните канцеларии од Косфелд и Уна, околу 2.100 лица кои имаат обврска да ја напуштат Германија се поврзуваат со дури 12.000 кривични истраги.
Овие податоци веќе предизвикаа политички реакции и барања за детална ревизија на системот за азил и политиката за депортација.












