Премиерот на Велика Британија, Кир Стармер најави дека владата ќе воведе забрана за користење на социјални мрежи за деца помлади од 16 години. Тоа претставува една од најстрогите мерки во областа на заштита на малолетниците во дигиталниот простор.
Стармер денеска истакна дека социјалните мрежи можат да имаат сериозно негативно влијание врз менталното здравје на децата и оти пласираните содржини често носат ризици од зависност.
Тој нагласи дека одредени платформи за игри ќе бидат ослободени од забраната, но и тие ќе мора да воведат построги механизми за заштита на малолетници, особено во однос на комуникацијата со непознати лица. Според британската влада, новите мерки имаат цел да поттикнат културна промена и да ја унапредат политиката насочена кон обезбедување подобри услови за раст и развој на децата.
Предвидено е одредени ограничувања автоматски да важат и за младите на возраст од 16 и 17 години, со цел да се избегне наглата промена веднаш по наполнувањето на 16 години.
Владата најави дека дополнително ќе ја разгледа можноста за воведување ноќни ограничувања за користење на социјалните мрежи, како и прекинување на бесконечното „скролање“ за корисниците помлади од 18 години. Повеќе детали за овие мерки се очекува да бидат објавени во јули.












