петок, јули 3, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Македонија во „топ-ап“ пакетот на ЕУ – во игра се нови 100...

Македонија во „топ-ап“ пакетот на ЕУ – во игра се нови 100 милиони евра

1

Позитивни сигнали од Брисел за реформската агенда

Евроамбасадорот Рокас оценува дека има напредок во сите 51 реформски чекори и дека се добри основите на Изборниот законик, но повика политичките партии да постигнат консензус за преостанатите прашања. Мицкоски очекува земјава повторно да добие најдобра оцена во извештајот на Европската комисија и смета дека сè уште има време да се усвои Изборниот законик. Тој ја повика опозицијата на разговори за гласањето на дијаспората и за финализирање на реформските обврски

 

Реформите во земјава се забрзуваат, оцени евроамбасадорот Михалис Рокас и изрази уверување дека ќе бидат исполнети најголемиот дел од реформските чекори, додека за измените на Изборниот законик порача дека се добри неговите основи и дека е потребен политички консензус за преостанатите прашања. Премиерот Христијан Мицкоски, пак, изјави дека очекува Македонија повторно да добие најдобра оцена во јунскиот извештај на Европската комисија, повикувајќи ја опозицијата на разговори за усвојување на Изборниот законик и исполнување на сите десет реформски чекори.

Рокас рече дека гледа забрзување на реформите во сите 51 реформски чекор, додека во грејс-периодов работат заедно со Владата и од 10, ќе бидат исполнети девет и пол. За Изборниот законик, Рокас смета дека законот во основа е добар и оти се надева дека партиите ќе постигнат консензус. Евроамбасадорот е убеден дека земјава ќе има добри резултати, но потенцира дека Европската комисија ја прави процената.

– Ние сме фокусирани на 10. чекори што беа во грејс-периодот и што истекуваа на 30 јуни. И на овие 10 чекори мора да кажам дека навистина внимателно работевме, непосредно со Владата, со цел да ги исполниме овие чекори. Убеден сум дека поголемиот дел од работата е завршен и дека ќе имаме извонредни резултати. Како што знаете, тие ќе бидат доставени во следните 10 дена до Европската комисија, на една последна процена и крајната одлука се носи некаде во септември, но ова е навистина добар успех. Меѓутоа, во исто време ја имавме и таа редовна вежба што заврши на 30 јуни оваа година, и тука започнува тој грејс-период од една година. И со тоа имаме добар напредок, но она што е важно е дека има напредок во сите 51 чекор. Јас сум навистина сигурен дека гледам забрзување во реформите, меѓутоа, во секој случај, треба да ги почекаме последните резултати и процената на Европската комисија по летниот распуст – рече Рокас.

За Изборниот законик рече дека законот сам по себе е добар, во моментов има дискусии со политичките партии, но оти е потребно да се постигне консензус.

– Законот сам по себе е добар закон. ОДИХР и Европската комисија дадоа позитивна процена и оцена, но она што преостана во моментов се модалитетите. Јас разбирам дека има несогласувања кога станува збор за овие моделитети, но чувствувам дека има добра волја да се надмине тоа. И комисијата, во Парламентот, за Изборниот законик веќе работи и се надевам дека партиите, на толку важна работа, ќе бидат во можност да седнат и да постигнат консензус кога станува збор за ова сензитивно прашање. Меѓутоа, основите на законот и законот сам по себе се навистина добри – истакна евроамбасадорот Рокас.

Премиерот Мицкоски повтори дека очекува да бидеме најдобри во јунскиот извештај на ЕУ, исто како и во декемврискиот. Тој уште еднаш повика на разговори со опозицијата за Изборниот законик, за што рече дека сè уште има шанса да биде донесен и да биде исполнет и десеттиот чекор од зададениот грејс-период.

– Oчекувам и во овој јунски извештај да бидеме најдобри, како што бевме и во декемврискиот. Мене ме радува и ме охрабрува информацијата што ја пренесе вчера еден европски медиум, дека сè погласни се изјавите од страна на високи европски политичари кои ќе овозможат топ-ап, односно додавање на сумата за три земји од групата Западен Балкан 6, кои се понапредни во делот на испорачување на реформската агенда. Ние веќе ги дефинираме приоритетите внатре помеѓу нас и врз основа на овие приоритети, доколку бидеме вклучени ние во тие три земји, а очекуваме да бидеме вклучени, ние ќе ги презентираме тие приоритети – рече Мицкоски.

Во однос на измените и дополнувањата на Изборниот законик, премиерот рече дека текстот е целосно усогласен со препораките на ОБСЕ и ОДИХР, но, според него, имаме неодговорно однесување од опозицијата. Уште еднаш искажа подготвеност за разговори во делот на гласањето на дијаспората.

– Но, ние сме подготвени, а тоа го кажав и вчера во интервју, да седнеме, повторно да разговараме во делот на гласањето на дијаспората, како да го подобриме тој процес, како да ја вклучиме повеќе дијаспората. Еве, во ред, тие одлучиле дека и покрај тоа што десетици земји во светот користат електронско гласање, го имам јас комплетно разработен и естонскиот модел, еве нека не биде така, од 2029 година, од претседателските избори, па натаму, тие се исплашени бидејќи велат: „И тогаш ќе бидеме опозиција“, па мислат дека некој повторно ќе им ги украде изборите. Фројд понекогаш проработува. Мислат дека како што се однесувале тие, така сите се однесуваат, но, еве, ние сме подготвени повторно да седнеме, повторно да разговараме. Гласањето на дијаспората – да најдеме модалитет да биде многу поголем во обем, со што би заштедиле пари. Еве, нека биде со писма, преку пошта, како било, да најдеме форма како да го интензивираме гласањето на дијаспората и да го направиме достапно за дијаспората. Што се однесува до сите други нивни барања, јас кажав дека ние, како најголема политичка партија, ќе ги прифатиме, без да дискутираме – рече Мицкоски.

Што се однесува до парите од Пакетот за раст, премиерот рече дека досега имаме ослободување на нешто над 140 милиони, а со овие стотина што би можеле да ги очекуваме, ќе дојдеме до 240. Тој појасни дека една третина од нив е за ликвидност на буџетот, а другите две третини се грант или мек кредит, кој ќе почне да се исплаќа од 2032 година, за проекти што се капитални инвестиции.

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Антонио Милошоски, на прес-конференција изјави дека Европската комисија ја препознала Македонија како една од водечките земји во регионот во спроведувањето на реформите предвидени со реформската агенда. Милошоски посочи дека финансиската поддршка од Планот за раст на Европската комисија е директно поврзана со степенот на реализирани реформи, при што овие три држави добиле највисоки оцени во споредба со другите земји од регионот.

„Евроњуз“ објави дека Брисел подготвува прераспределба на милијарди, а Македонија ќе биде меѓу најголемите добитници од фондот на ЕУ. Со оваа прераспределба на средствата од Планот за раст за Западен Балкан, најголем дел од дополнителната финансиска поддршка би можеле да добијат земјите што покажале најголем напредок во спроведувањето на реформите. Според информации од Европската комисија, Македонија, заедно со Црна Гора и со Албанија, е меѓу главните добитници, додека државите што не ги исполниле договорените обврски ризикуваат да останат без дел од предвидените средства. (В. С. Н.)

 

 

ИЗДВОЕНИ