– Потребно е непрестајно надградување, барање и освојување на самиот себе, познавање и отворање врати и нови димензии. Се чувствувам привилегирано и понизнo да ја добијам оваа награда именувана по еден човек – Мето Јовановски, кој играше во лига на светски шампиони, рече актерот Тони Наумовски, годинашниот добитник на наградата „Мето Јовановски“ за високо уметничко достигнување во уметноста на филмот на Фестивалот на балкански и медитерански филм, „Преку езерото“

– Се чувствувам благодарно, благословено, привилегирано и понизнo да ја добијам оваа награда именувана по еден човек – Мето Јовановски, кој играше во лига на светски шампиони. Тој остави за нас, сега, и за многу идни генерации, верувам, длабоко културно наследство на кое може да се повикуваме, да учиме, да му се одушевуваме и секогаш да се радуваме дека сме имале еден таков човек дома, рече актерот Тони Наумовски, годинашниот добитник на наградата „Мето Јовановски“ за високо уметничко достигнување во уметноста на филмот на Фестивалот на балкански и медитерански филм, „Преку езерото“.

Петтото издание на Фестивалот почнува на 8 јули и ќе трае до 15 месецов, а ќе се одржи во Дојран, Струмица и Гевгелија.

Тони Наумовски, актер нашинец, роден во Австралија, кој гради кариера во Њујорк, САД, на денешната прес-конференција одржана во Скопје се заблагодари за наградата.

–Треба да учиме како да живееме, a не како да играме е една од мислите на големиот режисер Јержи Гротовски. Потребно е непрестајно надградување, барање и освојување на самиот себе, познавање и отворање врати и нови димензии, рече Наумовски, кој е единствениот македонски актер, но и еден од малкутемина Балканци кои во Њујорк имаат своја кариера во театар, филм и на телевизија.

Иако Наумовски никогаш немал можност да соработува со големиот македонски актер Мето Јовановски, тој се воодушевувал на неговите маестрални актерски остварувања. Во моментов, Наумовски во Македонија се подготвува за снимање на долгометражен филм.

Тони Наумовски

Во негова чест, на фестивалот „Преку езерото“, ќе се прикажат остварувањата „Мојот Њујорк“ и „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов, каде што тој игра една од главните улоги заедно со Сара Климоска, филм по кој е најпознат на македонската публика. Наумовски токму со македонскиот филм, „Лена и Владимир“ минатата година доби 14 награди за актерско достигнување, и уште неколку номинации на повеќе од 80 фестивали во светот.

Роден е во Сиднеј, Нов Јужен Велс во Австралија. Студирал во Софија, па во Сиднеј, и на Институтот за филм и театар „Ли Стразберг“ во Њујорк.

– Актерството е професија на вечно учење. Не постои актер кој засекогаш завршил некакво училиште бидејќи животот и проектите во кои влегува и излегува се училиштето со кое се соочува. Со секој нов проект, актерот почнува од почеток. За среќа, имаме актер кој ги поминал сите фази низ кои минуваат актерите во светот. Тони Наумовски работел во театар, телевизија, на филм во Њујорк и да стигнеш дотука во такви сериозни околности е огромен успех, рече Јани Бојаџи, директор на Фестивалот „Преку езерото“, претставувајќи го годинашниот лауреат на наградата „Мето Јовановски“.

Инаку, „Преку езерото“ се отвора со филмот „Држи се за мене“ на Мирсини Аристиду од Кипар, како што истакнаа организаторите на фестивалот, типичен медитерански филм. Филмот сместен во лето ја следи 11-годишната Ирис која дивее низ улиците со својата постара пријателка Данае кога дознава дека нејзиниот отуѓен татко, Арис, е вратен во градот за погребот на својот татко.

„Држи се за мене“

Златко Гелески, селекторот на фестивалската програма, пак, потсети дека таа годинава е мошне богата и дека ќе ги поврзува сите точки на кои се простира Медитеранот.

– Медитеранскиот филм денес опфаќа многу култури, различни проблематики на целиот Медитеран и токму затоа ги избрав овие шест филма во официјалната селекција: „Држи се за мене“, во режија на Мирсини Аристиду од Кипар, филм што го отвора ова издание, потоа „Коцкарот“, во режија на Мохсен Бахари од Иран, што на фестивалот ќе доживее интернационална премиера, потоа „Кома“, во режија на Агим Абдула од Македонија, „Месо“, во режија на Димитер Стојанович од Бугарија, „Одразот во мртвиот дијамант“, во режија Елен Кате, Бруно Форцани од Белгија, „Кармадона“, во режија на Александар Радивојевиќ од Србија, истакна Гелески додавајќи дека годинава, публиката ќе може да погледне и 16 краткометражни филмови од кои 10 домашни и 6 странски, како и 13 студентски.

На фестивалот посебни проекции ќе има на филмот „Кодот на Преспа“ на Никола Поповски и три етнолошки филмови, а во чест на Мето Јовановски, чие име го носи наградата што ја доделува фестивалот, ќе биде прикажан „Павилјон“.

Годинава, земја во фокус е Иран, и ќе бидат прикажани четири филмови од современата иранска кинематографија, а ќе се одржи и панел на тема „Кој ќе ја режира иднината на современиот ирански филм и дали може иранскиот филм да се носи со предизвиците на модерното живеење?“ на кој ќе говорат Мехрдад Хамнеи, директор во студиото „Егзит Арт“, Агим Абдула, режисер кој има дипломирано режија во Иран и Дамјана Ивановска, филмолог од Кинотека.

За филмовите во главната селекција, годинава ќе одлучува жири во состав: Мирослав Митиќ, продуцент; Елеонора Венинова, режисерка и Емили Ришел, претставничка од Франција.

Продуцентот Дејан Милошевски, пак, информираше дека на фестивалот ќе се одржат и работилници за вештачката интелигенција во филмот и за авторски филм.

– Очекуваме преку сто учесници и гости на фестивалот. Секој ден се предвидени проекции на филмови, панели, мастеркласови… Ве поканувам сите да дојдете да пливаме наспроти брановите – како што гласи мотото на фестивалот, додаде Милошевски. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ