Јавните набавки за градежни работи во периодот од 2021 до 2025 година достигнале вредност од 1,5 милијарда евра, распределени преку 9.335 договори. Во истиот период биле направени 2.500 измени на договорите, најчесто поврзани со продолжување на роковите, зголемување на вредноста и промени на првично договорените услови. Ова го покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации „Тендерите за градежни работи се доделуваат под едни услови, а се реализираат под други“, кое открива сериозни слабости во спроведувањето и контролата на јавните градежни проекти.

Според анализата, надзорот често се сведува на формално потврдување на изведените работи, додека банкарските гаранции и договорните казни ретко се користат при непочитување на договорните обврски. Дополнителен проблем е недостигот од целосни и навремени информации за реализацијата, поради што за значителен дел од проектите не може со сигурност да се утврди нивниот статус.

Истовремено, конкуренцијата на тендерите бележи опаѓање. Просечниот број понудувачи од пет во 2021 година се намалил на три во 2025 година. Особено е зголемена вредноста на тендерите со само еден понудувач, од 38 милиони евра во 2021 година на 141 милион евра во 2025 година, односно три и пол пати повеќе.

Како фактор што ја ограничува конкуренцијата се посочуваат и рестриктивните тендерски услови, меѓу кои специфични референции, однапред определени кадри, градежна опрема, сопствени лаборатории и асфалтни и бетонски бази.

Нееднаква е и распределбата на договорите. Десет градежни компании во пет години добиле тендери вредни околу 500 милиони евра, што претставува речиси третина од вкупната вредност на набавките.

Висока концентрација има и кај надзорните компании. Само десет фирми покриваат 91 процент од вредноста на договорите за надзор, додека две компании учествуваат со повеќе од 61 процент. Ова отвора прашања за независноста на контролата и можните судири на интереси.

Истражувањето посочува и дека недостатоци во изведените градежни работи често се појавуваат набргу по завршувањето на проектите, што создава сомнежи за квалитетот на изведбата и ефикасноста на надзорот.

Дополнително, вредноста на градежните тендери е значително повисока во изборните години, особено за време на локалните изборни циклуси, што го зголемува ризикот од користење на јавните инвестиции за изборни цели.

ИЗДВОЕНИ