Македонските кикбоксери имаа прилично успешен ден на Светското јуниорско првенство во Лидо ди Јесоло, Италија. Нашите репрезентативци забележаа три победи и три порази, а двајца од нив продолжуваат во борбата за медал. До победи стигнаа Милан Нешевски, Глигор Николов и Марко Баснаров, додека за Драган Пандев, Димитар Јачев и за Давид Атанасовски настапот на шампионатот заврши.

Во дисциплината лоу-кик, во категоријата до 71 килограм за постари јуниори, Милан Нешевски со одличен настап го совлада Португалецот Мартим Серето со 3:0, со прекин уште во првата рунда. Него сега го очекува четврт-финалето против Гзим Прелвукај од Црна Гора.

Во категоријата до 67 килограми за млади јуниори, Глигор Николов, исто така, запиша убедлива победа, откако со 3:0 го совлада Мухамедиброхим Рафикжонов од Киргистан. Следен негов противник во четврт-финалето ќе биде Гркот Јоанис Апостолу.

Победа забележа и Марко Баснаров во кик-лајт, категорија до 74 килограми за јуниори. Тој беше подобар од Италијанецот Кристијан Арборе со 3:0, а во продолжението од турнирот го очекува дуел со Едгар Никојан од Чешка.

За разлика од нив, Давид Атанасовски загуби со 0:3 од Гркот Танасис Георгулис во лоу-кик до 63,5 килограми. Во кик-лајт, Драган Пандев со 0:3 беше поразен од Аидан Локе од Велика Британија, додека Димитар Јачев загуби со идентичен резултат од Аидан Џон Брумер од Јужна Африка.

Селекторот Дејан Митровски-Урко е задоволен од настапите и смета дека резултатот претставува успех, особено ако се има предвид дека станува збор за млади натпреварувачи на кои им е потребно искуство. Сега вниманието е насочено кон Нешевски и Николов, кои продолжуваат во четврт-финалето и се на само една победа до обезбедување медал.

ИЗДВОЕНИ