По повеќегодишни иницијативи и заложби за унапредување на занаетчискиот сектор во регионот, формирана е Регионална занаетчиска комора – Кавадарци. Со тоа, локалните занаетчии добија институционална платформа за застапување на нивните интереси и за понатамошен развој на секторот.
Формирањето на Комората го поддржале со потпис повеќе од 350 занаетчии од Кавадарци. Исто така, поддршка дале локалната самоуправа и градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев.
Како што истакна Јанчев, Регионалната комора ќе претставува институционална поддршка за занаетчиите, со цел унапредување на условите за работа, развој и заштита на занаетчиската дејност.
Новоформираната Комора треба да претставува заеднички глас на занаетчиите пред институциите и да придонесе за подобрување на условите за работа, олеснување на административните процедури, зачувување на традиционалните занаети и за развој на современите занаетчиски дејности.
Со нејзиното формирање се отвора простор и за дополнителни активности во насока на едукација, информирање за можностите за финансиска поддршка и подобро позиционирање на занаетчиите на пазарот.
Градоначалникот Јанчев им упати честитки на кавадаречките занаетчии за овој значаен чекор, а поддршката од локалната самоуправа продолжува во насока на зајакнување на локалната економија и создавање подобри услови за луѓето што придонесуваат со своите труд и занает за развојот на Кавадарци.












