„Киел Македонија“, дел од германската „Киел групација“, привршува со тестирањето на нова целосно автоматизирана линија за прашесто бојадисување метални компоненти, во која се инвестирани околу 1,5 милиони евра.
Со инвестицијата, компанијата го заокружува процесот на обработка на метални компоненти во својот капацитет во Тетово, што ќе овозможи поголема ефикасност и проширување на производството. На линијата веќе се ангажирани пет работници, а со планираното воведување уште две смени се очекуваат и дополнителни вработувања.
При посетата на компанијата во ТИРЗ Тетово, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, истакна дека ваквите инвестиции придонесуваат за воведување нови технологии, отворање работни места и зајакнување на домашната економија.
„Киел Македонија“ произведува компоненти и системи за седење за автобускиот и железничкиот сектор, а нејзини клиенти се меѓународни компании како „Сименс“, „Алстом“, „Штадлер“ и „ВДЛ Ван Хол“.
Компанијата работи во Македонија од 2017 година и вработува околу 190 лица во производствените капацитети во Тетово и Желино. Досегашните инвестиции во објектот во ТИРЗ Тетово надминуваат 11 милиони евра.












