По пауза од 17 години, инспектори на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИКАО) пристигнаа во Македонија за да извршат проверка на македонскиот цивилен воздухопловен систем. Инспекцијата започна вчера, и ќе трае во наредните две недели, а целта е да се утврди усогласеноста со најновите меѓународни стандарди и регулативи за воздухопловство.

Од Агенцијата за цивилно воздухопловство информираат дека проверката претставува можност за независна оценка на функционирањето на системот, идентификување на евентуалните недостатоци и утврдување области во кои се потребни дополнителни подобрувања, особено во делот на безбедноста и ефикасноста.

Директорот на Агенцијата, Драги Стојаноски, оценува дека независната инспекција е важен чекор кон одговорно управување и зајакнување на довербата во македонското воздухопловство. Тој нагласува дека институциите се подготвени отворено и професионално да се соочат со сите евентуални забелешки и препораки од инспекторите.

Наодите од проверката ќе послужат како основа за планирање идни активности, подобрување на регулаторниот и надзорниот систем и подигнување на нивото на воздухопловна безбедност. Од Агенцијата посочуваат дека препораките треба да се преточат во конкретни и долгорочни решенија, со јасни приоритети и континуирано следење на напредокот.

ИЗДВОЕНИ