вторник, јуни 16, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Ќе се спроведува проект за зачувување на кафеавата мечка во Динаропиндскиот Регион

Ќе се спроведува проект за зачувување на кафеавата мечка во Динаропиндскиот Регион

31

– Преку научен пристап и методологија, првпат ќе се направи мониторинг на кафеавата мечка во Македонија, што ќе придонесе за зачувување на нејзината екологија. Овој проект ќе ни овозможи да добиеме одговори на повеќе прашања за нејзините живеалишта, популацијата и за улогата во екосистемот, вклучително и на прашањето колку мечки воопшто живеат во македонските шуми – објасни Александар Стојанов, координатор на проектот во МЕД

 

Прекуграничното управување и зачувување на динаропиндската популација на кафеавата мечка е главната цел на новиот европски проект „LIFE DinPin Bear“, кој ќе го спроведуваат дури девет европски држави, вклучително и Македонија, до 2031 година, под водство и координација на германската организација „Еуронатур“.

Токму затоа Македонското еколошко друштво (МЕД) и Министерството за животна средина и просторно планирање беа меѓу речиси 50. учесници од 21 партнерска организација што учествуваа на првата проектна средба во Будва, Црна Гора, минатата недела.

Динаропиндската популација на кафеавата мечка (Ursus arctos) се протега низ деветте земји учеснички во проектот: Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Грција, Косово, Хрватска, Црна Гора, Србија и Словенија.

Со околу 4.000 единки, ова е најголемата популација мечки во Европа, поради што нејзиното зачувување е истовремено и голем предизвик и голема неопходност.

– Преку научен пристап и методологија, првпат ќе се направи мониторинг на кафеавата мечка во Македонија, што ќе придонесе за зачувување на нејзината екологија. Овој проект ќе ни овозможи да добиеме одговори на повеќе прашања за нејзините живеалишта, популацијата и за улогата во екосистемот, вклучително и на прашањето колку мечки воопшто живеат во македонските шуми – објасни Александар Стојанов, координатор на проектот во МЕД.

Кафеавите мечки отсекогаш биле прогонувани, иако ги избегнуваат луѓето. Како најголеми сештојади на континентот, тие имаат клучна улога во својот екосистем: ги регулираат биодиверзитетот, структурата на живеалиштата и циклусите на хранливите материи.

Хрватска, Словенија и Грција досега имаат спроведено успешни практики за зачувување и закрепнување на популацијата на мечката, но нејзината долгогодишна одржливост е доведена во прашање поради конфликтите меѓу човекот и мечката и загрозените живеалишта.

Оттука проектот, кој е кофинансиран од програмата LIFE на Европската Унија, ќе се фокусира на креирање на неопходните правни, управувачки и социоекономски услови за да се осигури зачувувањето на популацијата на кафеавата мечка покрај Динаропиндскиот Планински Масив.

Во практиката, ова значи дека ќе се пополнат празнините во управувањето со мечката во земјите што не се дел од ЕУ и ќе се обезбеди координирано прекугранично управување на популациско ниво. Токму затоа проектот е замислен како мултидисциплинарно партнерство меѓу универзитетите и истражувачките институции, националните и локалните власти и невладините организации од областа на екологијата и животната средина, а секоја земја ќе учествува со претставници од една владина институција и од една невладина организација.

 

ИЗДВОЕНИ