Зголемените трошоци за суровини и транспорт го ставаат под притисок производството во автомобилската индустрија и, воопшто, индустријата. Војната на Блискиот Исток и блокадите на транспортните маршрути доведуваат до поскапување на материјалите и до ризик од прекин на производството. Масовните поскапувања на репроматеријалите и на транспортот ги загрозуваат компаниите, кои се принудени да ги намалат трошоците за работна сила, да ги зголемат цените на крајните производи или да ја прекинат работата на дел од фабриките
Последиците од конфликтите на Блискиот Исток може да бидат со поголеми размери и да опфатат повеќе сектори во индустријата, како и автомобилската индустрија. Според претседателот на Советот за странски инвеститори, Виктор Мизо, освен врз цената на нафтата, војната ќе се одрази и со зголемување на цените на транспортот и на репроматеријалите. Забавениот транспорт, пак, ќе се рефлектира кај фирмите мајки на компаниите што работат во земјава. Како што нагласи, автомобилската индустрија во Европа, која зафаќа најголем дел од инвестициите во Македонија, ќе претрпи најголеми штети.
– Она што се случува во Иран и на Блискиот Исток директно влијае врз цената на енергентите. Не станува збор само за пиковите на цената на нафтата што ги имавме пред неколку дена, а потоа и на падот под 90 долари за барел, односно проблемот не е само нафтата, туку и значителното зголемување на трошоците за транспорт од Азија кон Европа. Драстично растат цените на репроматеријалите и на компонентите, без разлика дали станува збор за електроника или за други делови што се користат во производството. Дополнително, голем број компании веќе не сакаат да го користат Суецкиот Канал, иако и претходно постоеја проблеми. Сега бродовите се пренасочуваат околу Африка, што значително ги продолжува транспортот и времето на испорака. Истовремено, компонентите од петрохемиската индустрија – не само оние директно поврзани со нафтата туку и други хемиски производи – бележат драстично поскапување. Зголемување има и кај металните и неметалните производи, бидејќи дел од нив се произведуваат во земјите од Заливот. Доколку дојде до целосно затворање на Ормутскиот Теснец, тоа дополнително ќе ги зголеми трошоците за различни видови репроматеријали што се користат во индустријата, изјави Виктор Мизо.
Сепак, тој е оптимист дека работите можат да се променат. Ќе почекаме одреден период за да видиме дали конфликтот ќе продолжи. За нас, како компании, е важно да следиме и дали новите протести на превозниците од Западен Балкан и евентуалните блокади на границите ќе имаат влијание врз увозот и извозот.
– Ова директно нè засега, но проблемот не е само како ќе извеземе, туку и како ќе ги увеземе репроматеријалите, бидејќи поголемиот дел пристигнува по копнен пат. За само пет дена, трошоците за авионски транспорт за да ги задоволиме клиентите изнесуваа стотици илјади до милиони евра за дел од компаниите. Мора да се има предвид дека само во Македонија, Србија и Босна и Херцеговина околу 110 илјади луѓе работат во автомобилската индустрија. Ова значи дека некои компании кои произведуваат автомобили може да ја прекинат работата ако трошоците за транспорт и за репроматеријали значително се зголемат, истакна Виктор Мизо.
Покрај „Ауди“ и „Порше“, кризата се одразува и на другите компании од автомобилската индустрија. Производителот на автомобили „Фолксваген“ планира да го намали бројот на вработени во Германија за околу 50.000 до 2030 година, како дел од пошироката стратегија за намалување на трошоците и приспособување кон промените во глобалната автомобилска индустрија.
Овие мерки доаѓаат во време кога европската автомобилска индустрија се соочува со големи промени – војната на Блискиот Исток, забрзана електрификација на возилата, зголемена конкуренција од кинеските производители, големи инвестиции во развој на софтвер и нови технологии. Затоа, големите компании како „Фолксваген“ се обидуваат да ги намалат трошоците и да го реорганизираат своето работење за да останат конкурентни на глобалниот пазар.
(А. С.)












