Наместо директно да ги замрзне цените, Грција се реши за ограничување на профитните маржи кај горивата и кај низа производи на полиците, со порака дека геополитичката нестабилност не смее да стане изговор за нов бран профитерство.
Во обид да спречи ценовен бран во супермаркетите поради растечките енергетски трошоци и турбуленциите на пазарот предизвикани од кризата на Блискиот Исток, Грција донесе нова тримесечна мерка ограничување на профитните маржи на горивата и на прехранбените производи.
Мерката за супермаркетите опфаќа 61 категорија производи, а бруто-маржата за секој поединечен производен код не смее да го надмине просекот што бил евидентиран во текот на 2025 година. Со тоа, Владата не воведува класична административна цена, туку се обидува да ја задржи цената во продавниците под контрола, така што ќе го ограничи просторот за дополнително вградување заработка врз веќе зголемените трошоци.
Мерките стапуваат на сила веднаш и, според објавеното, ќе важат до крајот на јуни, со можност да бидат продолжени ако пазарниот надзор оцени дека ризикот од нови поскапувања останува висок. За прекршувања се предвидени казни до пет милиони евра, што покажува дека Атина сака не само симболично да интервенира, туку и да испрати сигнал дека државата ќе реагира ако трговците се обидат да ја претворат кризата во дополнителен профит.
Мицотакис призна дека Владата не може да ги сопре таканаречените примарни поскапувања, односно ударот што доаѓа од надворешните пазари, но нагласи дека може да постави црвена линија таму каде што почнува шпекулацијата. Министерот за развој, Такис Теодорикакос, ја надополни таа порака со став дека профитот е легитимен, но профитерството не е, со што владата се обидува да ја претстави мерката како заштита на потрошувачите, а не како казна за трговијата.
Грчките медиуми објавија дека властите регистрирале поскапувања кај повеќе од 11.500 производни кодови откако претходното ограничување било укинато. Во исто време, дел од грчката јавност и бизнис-заедницата предупредуваат дека ваквите мерки можат да донесат краткорочно смирување, но не и трајно олеснување ако не бидат проследени со силни контроли и пошироки економски интервенции.












