Хрватска најавува минимална плата од 1.250 евра бруто за 2027 година, додека работодавачите бараат значително помало зголемување. Хрватската влада треба до крајот на октомври да ја утврди новата минимална плата, а Хрватското здружение на работодавачи (ХУП) предлага таа да порасне за најмногу 3,5 %, од сегашните 1.050 на 1.086,75 евра бруто.
Работодавачите предупредуваат дека побрзиот раст на трошоците за работна сила во однос на продуктивноста ја загрозува конкурентноста на компаниите. Тие бараат идните покачувања да се пресметуваат според инфлацијата и продуктивноста, како и да се зголеми основниот личен даночен одбиток од сегашните 600 евра, со што би се овозможиле повисоки нето-плати без дополнително оптоварување на бизнисот.
Одлуката се носи во услови на ограничен буџетски простор, откако со ребалансот планираните државни расходи во Хрватска беа зголемени за 745 милиони евра, на 40,6 милијарди евра. Буџетскиот дефицит се очекува да достигне 2,9 % од БДП.
Во Македонија, пак, целта на Владата е просечната плата до крајот на мандатот да се приближи до 1.000 евра, односно нешто над 60.000 денари. Според премиерот Христијан Мицкоски, економијата во вториот квартал од 2026 година забележала раст на БДП од 4,3 %, додека номиналниот раст надминал 8 %. Тој вели дека извозот во првите осум месеци достигнал 5,74 милијарди евра, со раст од 8,7 %, а просечната нето-плата во јули изнесувала 48.499 денари, што е номинално зголемување од 7,1 % на годишно ниво.












