Директорката на Археолошкиот музеј, Магдалена Манаскова, соопшти дека, од утре, тимови на установата ќе започнат со ентериерното уредување на двата објекта и со подготовката за нивното отворање и ставање во употреба. По завршувањето на градежните работи, следува обликувањето на музејските поставки, кои ќе бидат подготвени според современи музеолошки принципи, со акцент на интерактивноста, наративноста и мултимедијалниот пристап

 

Работите на двата објекта на скопското Кале, во кои ќе бидат сместени Музејот на праисторијата и Музејот на османлискиот период, се завршени, а нивното ставање во функција се очекува во 2027 година, по уредувањето на ентериерот и подготовката на музејските поставки. Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) и Археолошкиот музеј на Македонија, заеднички работат на проектот, кој беше прекинат во 2017 година. Калето со овие два објекта треба да стане дел од програмата на „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.

Директорката на УЗКН, Весела Честоева, информираше дека капиталните археолошки истражувања на скопското Кале, започнати во 2007 и реализирани до 2016 година, резултирале со откривање на повеќе од 5.000 археолошки предмети. Во периодот од 2017 до 2024 материјалот се чувал во супстандардни услови, додека двата музејски објекта биле оставени без соодветно одржување.

Во 2024 година, УЗКН, како инвеститор на проектот, доставила информација до Владата и обезбедила осум милиони денари за реализација на активностите. Била формирана работна група, изработена е предмер-пресметка и бил распишан тендер за тековно одржување, адаптација и санација на Музејот на праисторијата и Музејот на османлискиот период. За изведувач била избрана компанијата „Нет инвест“ од тетовското село Теарце.

Честоева посочи дека работите опфатиле повеќе области, меѓу кои машинство, архитектура, електрика и браварија.

Со одлука на Владата, целокупниот материјал од капиталните археолошки истражувања на Калето, спроведени под раководство на археологот проф. д-р Драги Митревски, му е даден на користење на Археолошкиот музеј на Македонија, како матична музејска установа за движно археолошко културно наследство.

Директорката, Магдалена Манаскова, соопшти дека тимови на установата од денеска ќе започнат со ентериерното уредување на двата објекта и со подготовката за нивното отворање и ставање во употреба. По завршувањето на градежните работи, следува обликувањето на музејските поставки, кои ќе бидат подготвени според современи музеолошки принципи, со акцент на интерактивноста, наративноста и мултимедијалниот пристап.

Идеен автор на концептот на двата музеја е проф. д-р Драги Митревски, додека автор на дизајнот на поставките е проф. д-р Јован Ивановски. Визуелниот идентитет на музеите е креиран според идејното решение на проф. д-р Гордана Вренцовска. Во подготовката на музејските поставки учествувала и комисија составена од кустоси на Археолошкиот музеј, кустоси на Музејот на град Скопје и вработени во УЗКН. Комисијата извршила ревизија на археолошкиот материјал за да се изберат предметите што ќе бидат изложени во двата музеја.

Честоева информираше и дека во завршна фаза е постапката за донесување одлука со која Скопската тврдина – Кале би била прогласена за културно наследство од особено значење, во поткатегоријата  „големо значење“. Со предложеното решение, надлежностите би биле поделени меѓу Градот Скопје и Археолошкиот музеј, кој би управувал со двата објекта и Надлежностите за локалитетот би се распределиле меѓу институциите.

Отворањето на Музејот на праисторијата и Музејот на османлискиот период треба да овозможи археолошките наоди од скопското Кале да бидат соодветно заштитени и презентирани пред јавноста, а локалитетот да добие поголема туристичка и културна улога во пресрет на 2028 година, кога Скопје ќе биде Европска престолнина на културата.

Беше најавено и дека откако локалитетот ќе биде целосно уреден и ставен во функција за посета на Скопското Кале ќе се наплаќаат влезници. (Д.Т.)

ИЗДВОЕНИ