Град Скопје бара поволна фирма за негова изработка. Утре истекува рокот во кој можат фирмите да ги достават своите понуди. За таа цел, Градот ќе издвои над 2.118.644 денари, односно над 34 илјади евра без пресметан ДДВ. Градските власти сметаат дека преку планот треба да се воспостават јасни правила и мерки со кои ќе се зачува природниот карактер на Водно и ќе се спречат или ограничат процесите што може трајно да ги нарушат неговите природни вредности. Истовремено, планот треба да овозможи одржливо користење на просторот и развој на соодветните јавни содржини без да се загрозат целите на заштитата

 

Ќе се стави ли, конечно, ред во урбанистичкиот хаос што владее на Водно и ќе ѝ се стави ли крај на опасноста да се урне планината над домовите на оние што ги изградиле таму? Ќе има ли крај на градењето во заштитената зона на Водно? Тоа ќе го покаже донесувањето на планот за управување со заштитениот предел Водно.

Град Скопје веќе бара поволна фирма за негова изработка. Денес истекува рокот во кој можат фирмите да ги достават своите понуди. За таа цел, Градот ќе издвои над 2.118.644 денари, односно над 34 илјади евра без пресметан ДДВ.

Како што е наведено во јавната набавка, планот ќе важи 10 години.

– За успешна реализација на планот за управување, потребен е интердисциплинарен приод во планирањето на управувањето. Ваквиот приод бара воспоставување соработка со релевантните институции и со засегнатите страни и вклученост од нивна страна во дефинирањето и реализацијата на мерките и на активностите значајни за заштитата и унапредувањето на природните ресурси на подрачјето и одржливиот развој – се наведува во повикот.

Изготвениот предлог-план треба да го донесе Советот на Град Скопје откако претходно ќе се обезбеди согласност од Министерството за животна средина.

Планот треба да претставува документ што ги опфаќа сите активности потребни за да се обезбеди целосна заштита и развој на заштитениот предел, но и за да даде визија за заштитениот предел, стратегија за управување и оперативен план со јасно дефинирани цели.

Од Град Скопје велат дека изработката на планот за управување со заштитениот предел Водно претставува законска обврска, но истовремено и стратешка потреба на Градот Скопје за воспоставување јасен, ефикасен и одржлив систем на заштита и управување со еден од најзначајните природни ресурси на градот.

– Со прогласувањето на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категорија V – заштитен предел, создадена е законска и институционална основа за долгорочна заштита на неговите природни вредности. Планот за управување е клучниот инструмент преку кој треба да се претвори таа заштита во конкретни мерки, активности, приоритети, одговорности и механизми за спроведување. Законот за заштита на природата предвидува дека плановите за управување ги утврдуваат мерките за заштита на биолошката разновидност и на природните живеалишта, управување со шумските екосистеми, просторот, карактеристичните предели и заштита од пожари и од други природни катастрофи – нагласуваат градските власти.  

Притоа, додаваат дека за Градот Скопје, Водно има особено значење.

– Водно претставува природен заштитен појас и зелено срце на градот, со значајна улога во зачувувањето на биолошката разновидност, подобрувањето на микроклиматските услови, заштитата од ерозија и поројни води, намалувањето на негативните влијанија од урбаната средина и обезбедувањето простор за рекреација, спорт, образование и престој на граѓаните – наведуваат од Град Скопје.

Градските власти сметаат дека планот треба да обезбеди баланс меѓу заштитата на природата и потребите на современиот град и оти не треба да биде само стручен и формално-законски документ туку и практична алатка за управување со Водно во интерес на граѓаните на Скопје и на идните генерации.

–Особено значајно е преку планот да се воспостават јасни правила и мерки со кои ќе се зачува природниот карактер на Водно и ќе се спречат или ограничат процесите што може трајно да ги нарушат неговите природни вредности. Истовремено, планот треба да овозможи одржливо користење на просторот и развој на соодветни јавни содржини без да се загрозат целите на заштитата – истакнуваат од Град Скопје.

Оттаму потенцираат дека со неговата изработка, од декларативна заштита се преминува кон активно, планско и одговорно управување со Водно.

– Изработката на планот за управување со заштитениот предел Водно е инвестиција во долгорочната заштита на најзначајното природно подрачје на Скопје и во квалитетот на животот на граѓаните. Со планот ќе се создаде јасна рамка за заштита на природните вредности, спречување на деградацијата и неконтролираните притисоци врз просторот, превенција од природни ризици и одржливо користење на Водно. Истовремено, Градот Скопје ќе добие конкретен оперативен инструмент со кој ќе може да ги планира, финансира, спроведува и следи мерките за заштита во наредните десет години – заклучуваат градските власти.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ