Финансиските друштва веќе нема да исплаќаат пари во готово, а ќе се воведат и задолжителни внатрешни тела во секое финансиско друштво, како одбор за внатрешна ревизија, одбор за кредитен ризик, надзорен одбор… Ова се предвидува со измени и со дополнувања на Законот за финансиски друштва, со кои значително ќе се заострат условите за работа на компаниите што одобруваат брзи кредити. Новите законски решенија, освен поголем надзор и повисоки стандарди за работење, предвидуваат и дополнителни механизми за заштита на граѓаните, откако контролите покажале низа слабости и неправилности во работењето на дел од финансиските друштва.
Дополнително, отворањето нови деловни простории ќе биде можно само со претходна согласност од Министерството за финансии и исполнување на прецизно утврдени критериуми. Измените предвидуваат и зголемување на основната главнина на финансиските друштва, како и целосно укинување на готовинските исплати на кредити. Во иднина, кредитните средства ќе можат да се исплаќаат исклучиво преку банкарска сметка, со што ќе се овозможи поголем увид на финансиските трансакции и ќе се намали можноста за злоупотреби.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, изјави дека законските измени се подготвуваат по спроведените контроли со кои биле утврдени слабости и непрецизности во постојната регулатива.
– По спроведените контроли, утврдивме одредени слабости и непрецизности во постојната регулатива, кои оставаат простор за различни толкувања и практики. Затоа пристапуваме кон заострување на критериумите и воведување поголем надзор, вклучително и задолжителни внатрешни одбори и ограничување на готовинските исплати. Целта е поголема заштита на граѓаните и стабилно функционирање на секторот, изјави министерката.
Според неа, досегашните контроли резултирале со констатирани неправилности, а во одредени случаи биле преземени и најстроги мерки, меѓу кои и одземање лиценци за работа. Дел од постапките биле иницирани и по претставки од граѓани.
Покрај заострувањето на условите за работа, финансиските друштва ќе мора да се откажат и од агресивните маркетиншки кампањи кои создаваат впечаток дека кредитите се едноставна и безризична финансиска услуга. Министерството веќе најави ограничувања за рекламни пораки како „пари веднаш“, „кеш за минута“ или „продавница за пари“, оценувајќи дека тие можат да ги доведат потрошувачите во заблуда и да поттикнат импулсивно задолжување.
Ова следува по надзорите во кои инспекторите откриле случаи на рекламирање кредити со нулта каматна стапка, додека во договорите со клиентите биле вклучени дополнителни трошоци и надоместоци кои не биле јасно истакнати во рекламите.
На ваквите практики подолго време предупредува и Организацијата на потрошувачи на Македонија, од каде велат дека сè почесто добиваат претставки од граѓани кои се жалат на работењето на компаниите за брзи кредити. Најголем дел од поплаките се однесуваат на агресивни методи на наплата, високи дополнителни трошоци и недоволно транспарентни договорни услови.
„Дел од финансиските друштва рекламираат кредити со нулта камата или без учество, но клиентите подоцна се соочуваат со различни надоместоци и обврски кои не им биле доволно јасно објаснети. Дополнителен проблем претставуваат сложените договори со ситни букви, кои корисниците често немаат време детално да ги разгледаат пред потпишувањето. И покрај тоа што корисниците на потрошувачки кредити имаат право во рок од 15 дена да се откажат од договорот без дополнителни трошоци, во практиката, дел од финансиските друштва бараат враќање на значително повисоки износи. Проблем се и дополнителните трошоци поврзани со доцнењето на отплатата, кои со текот на времето можат да достигнат износи повисоки од самиот долг“, изјави за весникот ВЕЧЕР, Маријана Велковска-Лончар, претседателка на Организацијата на потрошувачи на Македонија.
Според ОПМ, ваквите практики често се спротивни на одредбите од Законот за заштита на потрошувачите и Законот за облигациони односи.
Со новите законски измени, Министерството за финансии очекува значително зајакнување на надзорот врз финансиските друштва, поголема транспарентност во нивното работење и повисоко ниво на заштита на граѓаните кои користат брзи кредити.
(А. С.)












