Американските разузнавачки служби процениле дека Иран значително ги засилил напорите насочени кон американски дипломати и функционери на Блискиот Исток и пошироко, при што плановите за атентати достигнале „напредна фаза“. Ова се наведува во разузнавачки документ упатен до американскиот државен секретар Марко Рубио, во кој увид имал медиумот „Аксиос“ (Axios).
Во документот, директорот на националното разузнавање, Џеј Клејтон, предупредува дека информациите за овие ирански планови треба да се споделат со поширок круг американски функционери, со цел да се предупредат оние што би можеле да бидат изложени на ризик.
Документот не е класифициран и во него не се наведени конкретни цели, земји надвор од Блискиот Исток, ниту пак детали за планираните операции.
Американски претставници изјавија дека овие разузнавачки податоци се една од причините поради кои Стејт департментот го намалува бројот на вработени во неколку дипломатски претставништва на Блискиот Исток, поради стравувањата од поширок регионален конфликт.
Претходно оваа недела, Стејт департментот нареди членовите на семејствата и персоналот чие присуство не е неопходно, да ја напуштат Амбасадата на САД во Ријад, како и конзулатите во Џеда и Дахран.
Вчера, исто така, беше издадена наредба за намалување на бројот на американскиот дипломатски и владин персонал во амбасадите во Обединетите Арапски Емирати, Либан, Катар и Јордан.
Американските претставници, исто така, стравуваат дека бунтовниците Хути во Јемен, кои се поддржани од Иран, би можеле да ги прошират своите напади надвор од Саудиска Арабија, кон други земји во регионот.
Безбедносната ситуација дополнително се усложнува поради можноста САД и Израел да започнат воени операции против Иран по американските избори на средината на мандатот.
На еден собир во Флорида вчера, американскиот претседател Доналд Трамп навести дека Вашингтон би можел или да започне уште една воена операција против Иран, или да постигне договор со Техеран.
„Можеби ќе спроведеме уште една мала ’Операција епски бес‘ (Operation Epic Fury), или пак тие [Иранците] можеби ќе се согласат [на договор]. Ако се паметни, едноставно ќе речат: ’Ајде да преминеме на работа‘ – но се сомневам дека ќе го сторат тоа, бидејќи можеби сепак не се толку паметни“, рече Трамп.












